Хероите на четири нозе од Хрватска – кучињата кои со денови трагаа по преживеани и извлекуваа жртви од стравотниот земјотрес во Драч, Албанија, пристигнаа дома. Ним им беше организиран пречек на аеродромот со порака: „горди сме на вас!“
Хрватското здружение за обука на кучиња – трагачи (ХУОПП) истиот ден кога се случи земјотресот од 6,4 степени според Рихтеровата скала, замина за Драч. Во тимот кој замина во Албанија имаше и 3 жени и 4 кучиња – женки, а најголемото внимание го предизвика кафениот лабрадор кој гледаше низ прозорецот од хеликоптерот.
ХУОПП има 15 активни тимови составени од водич и куче – трагач. Со оглед на тоа што ХУОПП е член на Меѓународната организација за кучиња трагачи, тимовите поминуваат низ многу обуки и испити за да добијат меѓународна лиценца и да одат на меѓународни мисии.
Многу кратко време по доаѓањето во Албанија, тимот на ХУОПП изјави дека има одлични резултати на теренот и дека кучињата работат во смени. Кучињата-трагачи пронашле повеќе луѓе под урнатините.
Од Македонија, во спасувачка мисија по земјотресот во Албанија замина и лабрадорката Клеа.