„Антикорупциската ќе го проверува имотот на судиите од бомбите“. Со овој наслов медиумите во март годинава објавија дека Државната комисија за спречување на корупцијата по сопствена иницијатива ќе ги провери податоците од анкетните листови и изјавите за интереси за петмина судии од „бомбите“. Ова беше обелоденето по извештајот на Стејт департменот за човекови права во кој беа наведени имињата на судиите за кои СЈО изготви и специјален извештај.
Но, проверката на имотот на овие судии е заглавена меѓу три институции осум месеци. Антикорупционерите на колегиум со директорот на Финансиската полиција, Арафат Муареми и обвинителката Вилма Русковска се договориле истражители да ѝ помагаат на ДКСК за испитување на имотната состојба на петтемина судии.
Но, кога требало да почне теренската работа, антикорупционерите наишле на пречка за надлежностите меѓу Финансиската полиција и Обвинителството. Известувањата за испитување на имотот на судиите од ДКСК, финансиската полиција ги препратила до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција од каде што чекале наредба за да започнат со активности и да ги ангажираат истражителите.
Обвинителката Вилма Русковска за „А1он“ вели дека Управата за финансиска полиција може да постапува по барањата на ДКСК без посебна наредба од Обвинителството.
Директорот на УФП, Арафат Муареми, за „А1он“ рече дека неколку месеци процесот бил во застој и дека тие му се хиерархиски подредени на Обвинителството од каде што чекале насоки, но тврди дека проблемот бил надминат.
Муареми рече дека тие ќе постапуваат по иницијативата на ДКСК, а доколку се утврди дека има елементи за кривичен прогон, за тоа ќе го известат Обвинителството, кое, може врз основа на нивните дејствија да отвори истрага.
Проверката на имотот е за разрешениот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски. Според извештајот на СЈО, Вангеловски споделувал клучни информации за активни случаи со политичарите за судењата.
На оваа листа е и вишата управната судијка Светлана Костова, која беше фатена во бомбите како разговара со ексшефот на УБК, Сашо Мијалков, а тој ѝ вели дека средил работа за да биде судија, а таа му возвраќа дека цел живот ќе му биде должна“и дека ќе чести за тоа. Опозицијата за Костова поднесе кривична пријава со наводи дека преку неа Мијалков договарал провизија за купување опрема за МВР од израелска фирма по цени повисоки од реалните.
На список за проверка е и кривичната судијка Софија Лаличиќ на која Мијалков на телефон ѝ честита дека ја избрале за судијка, а таа го прашува: „Кои други судии ги договоривте“ и го наговара поранешниот директор на УБК за судија да ја изберат Виолета Арнаудовска, сестра на врховната судијка Снежана Бајлозова, која беше советник во Судскиот совет. Таа го фати последниот воз по стариот закон и без академија на 53 години стана граѓански судија.
На спсиок за проверка на имотот се и поранешната претседателка на Судскиот совет, Александра Зафировска, која ја информира секретарката на премиерот Никола Груевски, Ленче Самарџиска, дека ќе распишува оглас за судии. ДКСК најави проверка на имотот и за поранешниот претседател на Основниот кривичен суд во Скопје, Владимир Панчевски, кого Судскиот совет го суспендира за злоупотребите со АКМИС-сиситемот и за него е поднесено обвинение.
Во извештајот на Стејт департментот беше наведено дека помеѓу 2011 и 2015 година четворица судии биле инволвирани во „флагрантно кршење на интегритетот, независноста, стручноста и злоупотреби“.
Обвинителката Вилма Русковска, пак, најави финансиска истрага за судиите кои ја пуштија Kатица Јанева во куќен притвор.