Објектите во земјава висококвалитетни, може да издржат земјотрес со интензитет од девет степени

Од:

Земјава може да се пофали со најквалитетна градба во опкружувањето, подобра од Бугарија, Грција, Албанија. Сите објекти се според пропишаните стандарди за армирано-бетонски конструкции и може да издржат земјотрес со интензитет од девет степени или со магнитуда 6,5 до 7 според Рихтер, велат од Институтот за сеизмологија и Градежната комора при Сојузот на стопански комори.

Како што рекоа денеска на прес-конференција директорот на Институтот, Влатко Шешов и претседателот на Градежната комора, Ивица Јаќимовски, освен новите, квалитетни се и постарите објекти, но мора да се води многу сметка и да се пристапи сериозно при нивното евентуално доградување или надоградување.

Според Шешов и Јаќимовски, тоа што се случи во Албанија, не е возможно да се случи кај нас. Сите објекти за кои се бараат градежни дозволи, независно дали се на ќоше, во маало, во помало место, минуваат низ системот на ИЗИС, а тоа е гаранција за безбедност и квалитет.

– Не треба да се сомневате дека тоа што се гради сега, е неквалитетно. Тоа е апсурд. Не треба да значи дека ако бојата на фасадата избледала, се работи за неквалитет. Бетонот и железото се основата која го прави објектот квалитетен, истакна Јаќимовски, дополнувајќи и дека не е возможно денешните градби да бидат понеквалитетни од поранешните, веќе стари и дотраени.

Негова оценка е дека секој не смее да гради, а вакви природни катастрофи и појави не треба да бидат поука како да се работи.

– Сите градежни проекти кои се пуштени во процедура, подлежат на дополнителни контроли во текот на проектирањето. Позитивно мислење се дава само доколку проектот ги задоволува техничките стандарди и прописи. Ако се работи за поголеми површини, ИЗИС е должен да излезе и на терен, за да провери дали квалитетот на конструкциите соодветствува со основниот проект за кој е добиена градежна дозвола, нагласи Шешов.

Земјотресите во 2016 година од кои еден беше доволно силен, потврдија, рече директорот на ИЗИС, дека градбите кај нас се квалитетни. Ниту една не се сруши. Имаше само мали оштетувања на некои од постарите објекти.

– Земјотреси имало, има и ќе има. Предвидувањата дали и кога ќе се случат не се наш таргет. Нашата цел е да се градат објекти кои без поголеми оштетувања ќе ги преживеат земјотресите, објасни Шешов.

Во врска со квалитетот на дивоградбите, Јаќимовски, одоговорајќи на новинарско прашање, рече дека никој не може да гарантира, иако тоа не значи дека дел од нив не се квалитетни.

– За квалитетот на градбите што се легализираат никој не може да гарантира зашто при легализацијата постапката не е иста со онаа при легалното градење, дециден беше претседателот на Градежната комора.

Тој уште еднаш подвлече дека секој што учествува во градба не смее да импровизира, како и дека се битни сите учесници во процесот, проектанти, статичари, надзор, инвеститори во материјали, изведувачи,… Не смее да се отстапува од квалитетно домување, потенцира Јаќимовски и апелира граѓаните кои планираат инвестиција, да соработуваат со лиценцирани компании, наместо да купуваат материјали од сомнителни правни лица.

Директорот на Институтот за сеизмологија, Шешов, на прес-конференцијата најави дека екипи на ИЗИС следната недела, во координација со Владата и Албанската амбасада, ќе заминат за Албанија каде ќе учествуваат во т.н. брза проценка на безбедноста на објектите. Практично ќе помогнат во означувањето на оние објекти кои се опасни за натамошно домување.

Би можело да ве интересира

Во февруари издадени 352 одобренија за градба

Ана Ололовска

СГИП и Здружение на градежништво: Скоро две милјарди евра ќе се одлеат на странски компании, домашниот сектор е пред затворање

Бочварски – Трајковски: Градиме преку 850 социјални станови низ државата

А1он

Бочварски: Браната Отиња се гради според предвиденото темпо

Ана Ололовска

Градежништвото чека антикризни мерки, недвижностите атрактивни и во ковид пандемија

Ана Ололовска

Градежниците бараат намалување на ДДВ од 18 на 5 отсто за увоз на поскапените градежни материјали

А1он