Вие драги мои отпораши, вие и таквите како вас ширум цела Македонија во изминативе месеци покажавте и докажавте дека македонскиот народ е горд народ, дека е храбар народ, народ што не трпи неправди и не можеш со сила да го владееш, рече Црвенковски од Кратово!
Дека е народ кој може многу да издржи, може многу да истрпи, рече, но никогаш и никој не може да го покори!
Заедно со вас, додаде, ги полневме улиците и плоштадите на македонските градови секоја вечер!!
Се разгоре слободарскиот дух, се победи стравот кај нашиот човек, се пробуди желбата и волјата да се дигне гласот, да се влезе во битка, да се победи ова зло надвиснато над нашите животи и нашата земја!
Драги пријатели, отпорот продолжува. Отпорот продолжува така како што се договоривме – до крај, до конечна победа!!
Оваа тиранија, оваа аздисана и забегана власт, овој режим мора да се порази!
Затоа што овие преродбенички 7 години се време – невреме.
Време во кое на еден осмислен и систематски начин се изместија сите критериуми и стандарди, се инсталира еден нов сосема искривен вредносен систем.Тоа што некогаш беше за срамење –денес е за гордеење; тоа што некогаш беше погрешно –денес е правилно; тоа што некогаш беше криминал-денес се третира како доблест; глупоста се прикажува како мудрост; лагата како вистина, ненормалното како нормално, додаде тој.
Државата се третира како приватна сопственост, демократијата како непотребен баласт, уставот и законите како кочници,како препрека која може да се прескокне или пробива по желба и по потреба.
Македонија е земја во пропаѓање по сите основи. Сите ресурси: материјални, човечки, духовни се целосно исцрпени.
Ние како држава немаме капацитет уште долго да ги издржиме овие погрешни и погубни политики.
Или брзо ќе се случи пресврт, ќе се врати оваа земја на вистинскиот колосек или ќе ја поминеме црвената линија после која враќање назад нема.
Македонија за да опстои, за да напредува, за да има сигурна иднина мора да го промени генералниот курс. Тоа само од себе нема да се случи. Тоа мора да го направиме сите ние, целиот наш народ со својата волја и одлучност.
И тоа така како што ни доликува- на избори! Прво на локалните, а веднаш потоа и на предвремените парламентарни избори!
Еве ја првата шанса на 24ти март. Еве ја можноста во еден ден вашиот глас да се брои два пати, да заврши две работи, да извојува две победи!
Првата – победа за локалната власт!
Овде во Кратово битката на овие избори ќе ја водиме со личности кои ја заслужуваат вашата доверба.
Нашиот кандидат за градоначалник Зоран Митевски и нашата советничка листа предводена од Дејан Ампев се луѓе со име и презиме, со минат труд и постигнати резултати во животот.
Зоран Митевски е чесен, скромен, одговорен, вреден…
Човек кој се што има постигнато во животот го има направено со труд и работа.
Редно е, време е и Кратово конечно да види бел ден, да се ослободи, да почне да дише, да види што е слобода и демократија…
Време е конечно и Кратово и вие кратовчани да видите што е живот без страв, без уцени и притисоци!
Поддржете ги овие луѓе не заради нив, туку заради вас, заради вашите семејства, заради иднината на Кратово и цела Македонија!
Осмелете се, одважете се, охрабрете се.
Бидете дел од големата победа!
Победничко Кратово за победничка Македонија!!!
На 24ти март имаме можност со нашиот глас да завршиме уште една многу поважна, многу поголема работа.
Имаме шанса да им вратиме, да им наплатиме за се!
-За 7те години малтретирања, притисоци, закани, заплашувања
-за сите понижувања, газења, потценувања
-за сите полициски и инспекциски казни без основ изречени
-за сите списоци за гласање со закани направени
-за сите откази и деградирања по партиска директива спроведени
-затоа што не направија земја во која човек се плаши на телефон слободно да говори, а за политика сегде да се шепоти;
На 24ти март имаме шанса да им наплатиме:
-затоа што 7 години безобразно лажат и манипулираат
-затоа што сите критички настроени телевизии и весници ги затворија
-затоа што МТВ, СИТЕЛ, КАНАЛ5 се пералници за човечки мозоци
-затоа што во однос на слободата на медиумите не однесоа во друштво на Нигерија и Венецуела
Треба и мора да им наплатиме:
-затоа што не направија земја-светски првак по мизерија
-заради сета беда и сиромаштија во која живееме
-заради сите блокирани сметки, активирани хипотеки, судски извршители на нашите врати
-заради цените што секој ден растат, заради скапотијата од која повеќе не се живее
-заради огромните долгови што ги направија и за враќање на наш грб ги оставија.
На 24ти март мора да им наплатиме:
– за сите народни пари што ги искрадоа
– за сите наместени тендери и лажни анекси
– за сите фирми и бизниси со уцени превземени
– за сиот рекет што од стопанството го наплатија
Мора да им се врати, мора да им се наплати:
-Затоа што како народ не поделија и меѓусебе не испокараа
-затоа што со сила не делат на наши и ваши, на патриоти и предавници, на верници и неверници, на транзиционери и преродбеници, на антички и словенски;
-затоа што испокараа брат со брат, татко со син, другар со другар;
-затоа што 7 години ни продаваат лажен патриотизам: И колку тие стануваат поголеми патриоти толку Македонија оди надолу, пропаѓа, бележи порази.
На 24ти март треба и мора да платат :
-и за убиството на Мартин Нешковски
-и за монтираниот судски процес против Љубе Бошковски
-и за притворот на семејството на Дуле млекарот
-и за тепањето на студенти на скопскиот плоштад
-и за Законот за стечајци
-и за Законот за бранители.
На 24ти март треба да стигне народната казна за 24ти декември; за онаа брука и срамота, за она убиство на демократијата, за она газење и на устав и на закон и на деловник.
-За тоа што на криминален начин донесоа буџет за да можат на криминален начин да ги трошат народните пари.
-За тоа што среде парламент тепаа народни пратеници, малтретираа и бркаа новинари.
Уште два дена да ги споменувам нивните грешки, нивните гревови, штетите што ги направија на овој народ и оваа држава-малку ќе биде.
Заслужуваат и да бидат казнети и никогаш да не им биде простено.
Ова што ни се случува не е наша судбина, не ни е од бога пишано! Проблемите со кои се соочуваме нема сами од себе да се решат! Ниту пак некој од надвор ќе дојде и место нас тоа ќе го направи.
Ова е наша држава, ова се наши животи и какви ќе бидат само од нас и од никој друг зависви.
Време е на ова пропаѓање, на оваа агонија, на ова лудило да му ставиме крај!
Време е за нов почеток, за нова страница! Време е за одлука!
Локалните избори на 24ти март се можност да покажеме дека не е единствената Македонија онаа на Никола Груевски
-понижена и подценета, послушничка и корумпирана, режимска и закопана во лажно минато и уште полажна сегашност.
Ајде сите заедно да покажеме дека има и една друга многу подобра Македонија, храбра и горда борбена и слободарска, демократска и правдољубива, Македонија свртена кон иднината!
Тоа е нашата, тоа е вистинската Македонија; за неа вреди да работиме; за неа вреди да се бориме.
Да покажеме дека таа Македонија не е само подобра туку е и побројна, посилна, помоќна.
Дека таа е победничката Македонија.
Победата е пред нас!
Победата ќе дојде! Наша победа за наша Македонија!