Вкупно 40 отсто од европските граѓани изјавиле дека заштитата на животната средина е најважната тема на која треба да се фокусира идната Европска Комисија, открива последната анкета на јавното мислење на Фондацијата Бертелсман.
На второ место, европските граѓани сметаат дека најважна политичка тема е вработеноста, а на трето место социјалната заштита.
Анкетирани се над 12 илјади граѓани во сите 27 земји членки на ЕУ, без Обединетото Кралство.
Резултатите се слични кога се анализираат по земји членки поединечно. Германците, со 49 отсто, се најзагрижени за животната средина, следуваат Французите со 39 отсто, додека 36 отсто од Италијанците се загрижени за климата, но дури 60 отсто од нив изјавиле дека вработеноста е поголем приоритет од животната средина.
Полјаците се изјасниле со 36 отсто за работните места, а со 35 отсто за животната околина.
Конзистентно ширум ЕУ најниска стапка добиваат правата на малцинствата и еднаквите можности.
Климатските прашања се најголема преокупација кај младите Европејци помеѓу 16 и 25 годишна возраст. Друга голема преокупација за младата генерација е осаменоста, покажува анкетата на фондацијата Бертелсман. Младите се дупло повеќе загрижени за осаменоста отколку Европејците помеѓу 46 и 65 годишна возраст. За постарите генерации поважно е прашањето за социјалната заштита.
Запрашани кои се нивните најголеми лични преокупации за иднината, 51 отсто од граѓаните на 27-те земји членки на ЕУ изјавиле дека е зголемувањето на трошоците за живот, без исклучок во сите земји на Унијата.
Најголеми оптимисти за иднината се младите Европејци помеѓу 16 и 25 години, тие се и најголемите поддржувачи на посилна интеграцијата на Европската Унија. Генерално 50 отсто од сите граѓани на ЕУ се оптимисти за иднината на Унијата, без разлика на возраста, а 54 отсто поддржуваат поголема европска интеграција, со најголема поддршка во Италија. 70 отсто од италијанските граѓани сакаат поголема политичка и економска интеграција на ЕУ.