„Одземањето на ингеренциите за случајот Трпејца од страна на Министерството за транспорт и врски се нелегални и незаконски“ реагираат од општина Охрид. Локалната самоуправа деновиве ќе поднесе пријава до Управниот суд против Министерството за транспорт и врски, а за ова ќе бидат известени ЗЕЛС и Министерството за локална самоуправа рекоа од општина Охрид.
Ваквата одлука на Транспорт и врски доаѓа откако општина Охрид уште минатата недела го одбила барањето за легализација на спорниот дел од објектот поднесена од страна на сопственикот на фирмата Ивире, по што му бил даден рок од 15 дена сам да го сруши диво изградениот објект, доколку не општината ќе пристапела кон рушење на истиот. Инаку сопственикот деноиве почнал сам да отстранува делови од објектот конкретно прозорците од горниот спрат на објектот.
Реагираа и од ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид. Јавноста деновиве во Охрид е окупирана со случувањата околу дивоградбите во Трпејца .
„Овој случај на непочитување на одлуката и заклучокот на инспекторатот јасно покажа дека градоначалникот Петрески и локалната самоуправа Охрид упорно штитат урбани интереси на урбаната мафија во Охрид одбивајќи притоа да постапи според законите и да ја сруши дивоградбата на брегот на езерото во Трпејца. Затоа, во ВМРО-ДПМНЕ сметаме дека решението за одземањето на ингеренциите на општина Охрид за овој случај беше последниот можен правен лек и сметаме дека тоа е правилна одлука на Министерството за транспорт и врски. Воедно му предлагаме на Државниот градежен инспекторат што поскоро да ја посети општина Охрид и да провери уште колку тоа дивоградби се кријат заради некакви бизнис мотиви на градоначалникот Петрески а се на штета на Охрид“, рекоа од ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.
Мики Трајковски