Нема опасност за појава на земјотрес во Македонија како резултат на серијата земјотреси во Албанија, вели професорот Михаил Гаревски, поранешен директор на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија.
Без разлика дали се работи за валандовскиот, за пехчевско – беровскиот или за скопскиот регион граѓаните не треба да бидат вознемирени бидејќи сме оддалечени од Драч за да има некакво влијание, смирува Гаревски.
Тој е убеден дека со серијата земјотреси во Албанија главниот удар е поминат и се очекуваат само афтершокови.
„Земјотресот со магнитуда 6,4 во Албанија од утрово јас сум сигурен дека беше главниот удар. Може да се појават петки и серија афтершокови, но сигурен сум дека нема да има посилен земјотрес од оној со магнитуда од 6,4 степени според Рихтер оти енергијата е ослободена“, вели професорот Гаревски.
Тој објаснува дека земјотресот од 6,4 степени во Албанија утрово бил неколкупати посилен од скопскиот земјотрес од 1963 година кој имаше магнитуда од 6,1 степен според Рихтеровата скала оти енергијата ослободена во жариштето била неколку пати појака од енергијата ослободена во скопскиот земјотрес.
Гаревски вели дека е постојано на линија со албанските колеги.
„Разговарав пред малку со продеканот на Градежниот факултет во Тирана кој е на лице место во Драч. Ми рече дека во Тирана речиси и да нема оштетувања. Има во Драч. Десетина згради се урнати, има оштетени фасади, разурнати преградни ѕидови и слично. Ми јавија и за еден феномен што многу ретко се јавува – има една зграда во Драч на која само првиот кат и е пропаднат во земја. Тоа се случува кога поради вибрациите доаѓа до губење на носивоста на тлото“, вели Гаревски.
Тој дозволи да ги објавиме фотографиите од зградата на која и пропаднал само првиот пат што му ги испратиле колегите од Албанија.
Гаревски смета дека е мала веројатноста за поврзаност на земјотресите во Албанија со оној што се случи денес во Босна со магнитуда 5,4 или земјотресот денес во Грција со магнитуда 4,2. Според него, поверојатно е да се работи за изолирани појави.
Тој следната недела оди во Албанија на покана од колегите.