(ВИДЕО) За долг од 1.000 денари, извршители кај самохрана мајка: Ќе ја продаваат покуќнината, нема спас

Од:

Невработена самохрана мајка, за 1.000 денари долг, за судски трошоци треба да плати 90 пати повеќе, односно 90 илјади денари. Таа денеска беше на протестот пред Министерството за правда и порача дека нема пари да си го прехрани детето, а не да плати огромни извршителски камати. Стравува дека може да го изгуби и домот на родителите зашто со извршителски налог е попишана покуќнината што ќе оди на продажба.

„Со асистенција на полицијата ги попишаа работите во куќата на татко ми. Регали, столови, маси – сè е на продажба. Сега долгот е над 90 илјади денари, ме товарат да платам плус за трошоците за попишување. Освен што без најава ми ја блокираа сметката, сега дополнително вршат притисок и врз моите родители. Немам излез, не знам како ќе се живее. Барав да се сожалат над мојата состојба иако неправдено ми бараат огромни суми, но јасно е дека нема институции во оваа држава“, изјави Сузана Стефановска од протестот против извршителите за „А1он“.

Засегнатите граѓани потпишаа изјави и поплаки и ги доставија до Министерството за правда, од кое бараат да се истражи и да се стави крај, како што велат, на неконтролираното извршување. Еден од нив е Атанас Ѓорѓиевски, кој за долг од 600 илјади денари, платил двојно, односно милион и триста илјади денари.

„Добив решение од судот со кое се вели дека се запира извршувањето. Но, извршителот не се водеше од тоа решение, ми ја блокира сметката и ми ги собра парите. Па, дали има судови и правда во оваа држава, ова е еднакво на кражба. Се жалам и ќе се жалам, ќе ја барам правдата до крај“, рече Ѓорѓиевски.
Иницијаторите на протестот од здружението „Стоп за извршителите“ уште еднаш апелираа до надлежните итно да престанат со блокирањето на сметките на граѓаните и инкасирањето пари од граѓаните за огромни извршителски камати.

„Итно бараме да престане блокирањето на сметките. Да престане да им се одземаат средствата на граѓаните, кои им се за основни потреби. Ова што го прават е еклатантно кршење на човековите права. Тоа нема да го дозволиме“, рече Ана Глигорова од иницијативата „Стоп за извршителите“.

Од „Стоп за извршителите“ најавија дека секој вторник ќе протестираат пред Министерството за правда сè додека не престане, како што велат, неправедното ограбување на граѓаните.

Би можело да ве интересира

ОЈО Кичево ќе вложи жалба за определената мерка претпазливост за извршителката за Кичево што нападна новинар и полицаец

Комората на извршители го осудува попречувањето на извршувањето спроведено од извршителката Јакимовска од Гостивар

Граѓаните бараат извршителите да ги почитуваат законските измени со кои долговите застаруваат

Глигорова: Извршителите веќе втор месец не постапуваат по новите измени во Законот за облигациони односи

Адвокати, нотари извршители за пет години наплатиле осум милиони евра од ЈП Водовод Скопје, утврди ревизијата

A1on

Нема спас од извршителите: Освен од банка, сега ќе може да им ги земат парите на граѓаните и од штедилница

A1on