Навивачката група „Швeрцери“ на фудбалскиот тим „Шкупи“ во петокот влегла во Македонскиот народен театар да го прослави својот 30-годишен јубилеј и да го проследи документарниот филм снимен по овој повод. Толпата навивачи дивеела во театарот и направила значителна материјална штета која во моментов ја проценуваат екипи на Министерството за внатрешни работи.
Директорката на театарот Симона Угриновска не била информирана за овој настан и вели дека Министерството за култура во координација со Владата го најавиле само одбележувањето на Денот на албанската азбука.
„Беше најавено одбележувањето на Денот на албанската азбука а ми рекоа дека ќе има уште еден настан во рамките на тоа но не ме информираа за што станува збор. По завршувањето на првиот дел во театарот влезе толпата навивачи, да го проследи документарниот филм снимен за нив, и неконтролираната толпа направи значителна материјална штета. Искршени се орнаменти кај седиштата и слични штети. Утрово повикав екипа на МВР да ги согледа штетите од овој настан. Морам да потенцирам дека објектот не беше изнајмен туку отстапен на барање на Министерството за култура, изјави за „А1 он“ Угриновска.
На директорката Угриновска и било кажано дека координацијата за првиот настан ја води портпаролот на Владата Мухамед Хоџа додека за втрориот настан бил одговорен организациониот секретар и пратеник во Владата Артан Груби кој и покрај инсистирањето не ја информирал за сценариото за вториот настан.
Изјава побаравме и од министерството за култура и очекуваме одговор кој ќе ја сноси одговорноста за штетите на МНТ и воопшто како е дозволено- да се одржи ваков настан во Национален театар.