Центарот за научно истражување и промоција на културата „Хаемус“ во соработка со „форумЗФД“ вечер од 19 часот во „Кино Култура“ ќе го организираат настанот „Да инвестираме во футуризмот: Културните пејзажи на еден постсоцијалистички град“.
Ќе биде прикажан документарниот филм „Betonski spavači: Епизода Скопје“, во продукција на „Хулахоп“ од Загреб, а потоа ќе се одржи панел-дискусија за предизвиците за зачувувањето на социјалистичкото наследство, неговата промоција и потенцијал.
-Овој настан ќе ги адресира прашањата на кој начин постземјотресно и социјалистичко Скопје и неговото културно наследство се дефинирани во јавниот и професионалниот дискурс и какво знаење се инвестира во ова наследство. Дали се работи на општествено прифатливи и позитивни начини за справување со ова културно наследство, така што нема да биде грубо игнорирано или целосно избришано од јавниот простор? Која е причината за (не)интересот за социјалистичкото, материјално-културното наследство и неговата монументална уметност? Кој е културниот, економскиот и општествениот потенцијал на ова минато и како тоа се вклопува во денешните урбани планови и современото осмислување на просторот?, соопшти организаторот.