СВР Скопје поднесе кривична пријава, а истражен судија му одреди 30-дневен притвор на С.П. (33) од Скопје, вработен како виш надзорник во КПУ „Идризово“, поради основано сомнение дека на 12 овој месец околу 14.30 часот по вербална расправија физички го нападнал осуденикот З.И. (37) од Скопје, при што му нанел тешка телесна повреда.
Според изјавите на осудените лица З.И. и И.У. (26), на 12 март околу 14.30 часот тие заедно се упатиле кон местото Свињарник во КПУ „Идризово“ со цел З.И. да му поправи телевизор на друго осудено лице и откако завршиле со работата двајцата осуденици заминале кон бензинската пумпа во затворот со намера да се вратат во своите простории. Притоа биле затекнати од С.П. кој им кажал дека немаат право тука да се движат. Тој почнал да ги навредува со погрдни зборови и во еден момент физички го нападнал З.И. удирајќи го со тупаници во пределот на телото при што му ставил лисици за врзување.
За кусо време пристигнал и друг надзорник И.П. кој помогнал во спроведувањето на З.И. до дежурната просторија каде биле изготвени изјави од двете осудени лица и биле упатени во своите простории.
Околу 16.30 часот З.И. побарал да му се укаже лекарска помош бидејќи почуствувал голема болка во пределот на абдоменот, поради што бил пренесен во затворската амбуланта, а потоа на Универзитетската Клиника за Урологија. По направените контролни испитувања на 13 март врз З.И. е извршен оперативен зафат, при што е констатирана руптура на лев бубрег со крварење, поради што му е отстранет бубрегот заедно со слезината, кај која исто така било констатирано крварење. Од извршениот преглед на бубрегот, увидено е дека бил раскинат, што според медицинските наоди можело да настане со дејствување на сила, односно како последица на удар или паѓање, иако по телото на З.И. не биле констатирани видливи модринки, крвни подливи и друг вид на повреди. Повредениот е задржан за натамошно лекување во Клиниката за урологија.
Од извршениот разговор со С.П., тој се изјасни дека за време на извршување на своите службени задачи во кругот на КПУ „Идризово“ во близина на бензинската пумпа ги забележал осудените лица и им укажал дека не смеат да се движат во тој реон при што побарал од нив да им изврши личен претрес на што тие не се согласиле. По ова З.И. започнал вербална расправија навредувајќи го со погрдни зборови надзорникот и во еден момент се обидел физички да го нападне фаќајќи го и влечејќи го за службената униформа. С.П. во обидот да се одбрани употребил физичка сила и откако осуденото лице З.И. бил соборен на земја, продолжил да дава активен отпор по што надзорникот употребил гумена палка со намера да го доведе во послушност удирајќи го два-три пати во пределот на телото и му биле ставени лисици за врзување.
По кратко време пристигнал и другиот надзорник И.П. кој помогнал во спроведувањето на З.И. до дежурната просторија каде биле изготвени изјави од двете осудени лица и потоа биле упатени во своите простории.
Од извршената проверка во крим-евиденциите на СВР-Скопје, е утврдено дека надзорникот С.П. бил регистриран за сторено едно кривично дело „кражба“.