Николас Кејџ, наводно, преговара за улога во филм за него, во кој, секако, ќе игра самиот. Филмот зборува за обидите на Кејџ да добие улога во филм на Тарантино, пишува „Independent“.
Звучи комплицирано, но не е. Според „Hollywood reporter“, прашање е на време кога компанијата „Lionsgate“ ќе го купи овој филм, насловен „Unbearable Weight of Massive Talent“.
Сценаристите се Том Гормикан и Кевин Итен.
Кејџ, во филмот, наводно разговара со нарцисоидна верзија на самиот себе во 1990-тите, на кого сегашниот Кејџ му е лут поради тоа што не е познат, но и бидејќи снимил премногу нискобуџетни филмови.
Тој исто така, во филмот се обидува да исплати долгови, па се согласува да се појави на роденденската забава на припадник на познатиот мексикански нарко-картел кој е негов фан, а сака Кејџ да го види сценариото за филм кој нарко-босот го има напишано.
Патем, Кејџ се обидува да ја направи среќна својата ќерка тинејџерка.
Според „Independent“, авторите на филмот не размислуваат за никој друг освен Николас Кејџ за улогата на Николас Кејџ.