Уставните судии оваа среда нема да одржат седница на која што ќе се расправа за членот од Кривичниот законик, кој се однесува на иницијативата на адвокатот на Никола Груевски, Миле Јанакиески и останатите, Еленко Миланов, за злоупотреба на службената положба и овластување за постапките за тендери. Ова за „А1он“ го потврди портпаролката на судот, Оливера Филиповска.
На минатата седница судиите дискутираа за тоа дали треба на колегиум да разговараат за ова точка, бидејќи имаше разногласие за тоа како да се толкува иницијативата на адвокатот. Филиповска рече дека таа нема информација дали ќе има колегиум за оваа, или за други точки и дека тоа било нормална работа, да се дискутира за прашањата на работни колегиуми.
Станува збор за членот 353 став 5 од Кривичниот законик, кој се однесува на злоупотреба на службената положба и овластување при што има направена штета на Буџетот, а опфаќа најголем дел од обвинетите од СЈО.
Предметот на оспорување е по неколку основи. Спорно е тоа дали службеното лице може да биде одговорно за јавна набавка кога за тоа одлучува комисија и дали се остава произволно толкување за постоење на штетата за тоа што во описот на кривичното дело претставува „други средства на државата“.
Четворица судии беа најгласни во ставот дека се премногу пет години затвор за вакво дело и се изедначува со убиство. Најгласен во одбрана на иницијативата беше судијата Јован Јосифовски, избран во време на ВМРО-ДПМНЕ. Рече дека членот е нејасен, непрецизен и произволен и како таков е неуставен.
Во постарите верзии на Кривичниот законик била пропишана поблага казна за ова кривично дело, околност, која според тврдењата на адвоктите, им оди во корист на обвинетите.