Циклус работилници за филмска критика и монтажа за деца беа одржани во Скопје, Неготино и Гостивар како дел од проектот „Кино училница“ чија цел е запознавање на основни елементи на филмската уметност и филмскиот јазик кај младите. Работилниците кои беа наменети за деца на возраст од 12 до 16 години се реализираа во периодот од 1ви до 15ти ноември под менторство на реномирани професионалци и професори.
Во рамките на работилницата за монтажа младите имаа можност да се запознаат со сите техники на монтажата и основните елементи на филмскиот јазик. Беа зададени кратки етиди (вежби) за учесниците. Во рамките на работилницата за филмска критика учесниците ги развиваа вештините за критичко мислење и креативно пишување и добија директно менторирање за пишување на филмска критика, како и домашна задача да изгледаат филм и да напишат критика.
Работилниците ги организираше Асоцијацијата на филмски критичари и новинари ФИЛМАРТ Скопје во соработка со повеќе општини и културни установи. Проектот е поддржан од Министерството за култура во рамките на манифестацијата „Нов културен бран“.