Стотици илјади граѓани на Венецуела со денешниот последен марш по улиците на Каракас ќе се простат од својот покоен лидер Уго Чавес.
Колоната предводена од вршителот на должност претседател на Венецуела, Николас Мадуро и претседателот на Боливија Ево Моралес претставува кулминација на десетдневната жалост во Венецуела.
Трасата на маршот е долга 20 километри и колоната ќе се движи од Воената академија каде е изложено телото на Чавес до Воениот музеј.
Се уште не е познато каде ќе биде погребан Чавес. Мадуро го повлече првобитниот план за балсамирање на телото на Чавес и предложи да биде сместено во музеј. Собранието го пролонгира гласањето за распишување на референдум за измена на Уставот за да може Чавес да биде погребан до својот херој, јужноамериканскиот ослободител Симон Боливар во Националниот пантеон, бидејќи Уставот предвидува таа чест да им се укаже на лидерите дури по 25 години од нивната смрт.
Чавес почина на петти март од рак на 58 години, по двегодишна борба со ракот и 14 години на власт.