Градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, ги демантира тврдењата на Обвинителството дека Општината не доставила доволно документација за случајот за катна гаража на „Никофон“.
Тој денеска јавно покажа документи за официјалните преписки на Општина Центар со Обвинителството од 2015, 2016 и од 2019 година.
Во 2016 година биле доставени вкупно 72 списи, во кои се одобрението за градење, режим на сообраќај, водовод, целокупната документација за предметот за катната гаража „Никофон“.
Неколкупати имале и дополнителна достава по првата пријава, а во 2019 година, откако тој е градоначалник на општината, на 27 септември доставиле документација до МВР, на 13 август имале допис до ОЈО, на 15 август дале дополнување, а на 31 октомври побарале информации од Обвинителството до каде е предметот. Вели дека одговор не добиле.
„Нека ни каже Обвинителството дали сме во право за да знаеме како понатаму да постапиме. Не знам што уште треба да направам за да отворат предмет. Да земам да се самозапалам за да реагира некој“, рече Богдановиќ.
За да докаже пред јавноста дека Општината презела мерки од 2015 до 2019 во врска со овој предмет, градоначалникот денеска презентира кусо видео за сè што е поврзано со катната гаража „Никофон“ од донесувањето на урбанистичкиот план во 2012 и јавниот повик за продажба на државно земјиште, па сè до денеска.
Во видеото е направена и пресметка за тоа колку требало да изнесува почетната цена за продажба на земјиштето. Наместо почетна цена од 1.850 денари, Општина Центар смета дека наддавањето требало да почне со цена од 5.600 денари за квадрат.
„Ова се нашите сомневања и сметаме дека ќе се постигнела повисока цена доколку почетната цена била 5.600 денари. Доколку не сме во право, нека ни кажат дека тие што продавале биле во право“, рече градоначалникот.
Во Општината се сомневаат дека јавниот повик бил наместен оти е распишан само 18 дена по усвојувањето на планот на 5.4.2012 година. Богдановиќ вели дека само за внесување на планот во Катастарот и усогласувањето со стариот план потребни се 15-30 дена, но овде сè завршило за 18 дена. По наддавањето, имало приговор од друг учесник кому не му е испратен одговор, а Богдановиќ укажува и на недоследности за датумот за издавање на одобрението. Првото барање за одобрение за градење на „Никофон“ му било одбиено поради тоа што правилникот за градење предвидувал во парцелата да има и влез и излез, а тој имал само влез. Кога го поднел второто барање, правилникот бил сменет и дозволено било да има само влез, но рокот во кој требало да го извади одобрението бил истечен, а во Општината нема анекс за пролонгирање на рокот. Затоа, како што вели градоначалникот Богдановиќ, истражните ограни треба да го проверат и менувањето на правилникот за градење.
Тој извести дека имаат најава за средба со Обвинителството следната недела, на која очекува да се расчистат сите дилеми.
Подготвени се за средба и со Никола Настески, сопственикот на парцелата. Богдановиќ вели дека, освен покана преку медиумите, Општината и официјално ќе го повика на разговор следната недела, а парлелно ќе инсистира да си течат постапките во Обвинителството.
Настески во 2012 година го купи државното земиште за изградба на барокна катна гаража на паркингот кај „Аутомакедонија“ во центарот на Скопје за 127.000 евра, а пред два дена извести дека досега потрошил речиси 1 милион евра за катната гаража за комуналии, проекти и за целата неопходна документација. И Настески рече дека е отворен за дискусија со Општината и покрај едномесечните неуспешни преговори.