По големите поплави, земјоделците од струмичкиот регион повторно претрпеа штети од вчерашното невреме проследено со силен ветар. Глетката денеска на одредени места беше страшна, искинати најлони, откриени пластеници, а земјоделците спасуваа што може да се спаси и ги припокриваа пластениците за да го заштитат производството.
Нив денеска ги посети актуелниот градоначалник и кандидат за трет мандат, Зоран Заев. Разговараше со нив и ги информираше за мерките што веќе ги преземе општината за да им помогне и да ублажи последиците од невремето. Една од нив е и посипување со чакал на патиштата до пластениците за да можат земјоделците да имаат полесен пристап до нив. Само во атарот на Куклиш ќе бидат истурени 15 камиони чакал.
Општинските комисии уште денеска веќе излегуваат на терен и ќе направат проценка на секоја штета што е предизвикана. Ветерот го уништи тоа што е навистина богатство на нашите раноградинари од што живеат и селото и градот. Сега останува со сите сили да им помогнеме оти нема друго од што да живеат. Се надеваме дека сите ќе имаат разбирање за соработка со општинските комисии, пред се државните органи за да можат соодветно да бидат обесштетени земјоделците и да можат да го продолжат животот понатаму, рече Заев на средбата со земјоделците во атарот на Куклиш.