Со поетска работилница и оддавање почит кон Рацин пред двата негови споменика во центарот на Велес и пред гимназијата што го носи неговото име, денеска во родниот град на поетот и револуционер Коста Солев Рацин ќе почнат 52. Детски Рацинови средби, што ги организира Општина Велес и Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“.
Свечено ќе бидат отворени во 13 часот во салата „Бели мугри“ каде што ќе бидат доделени наградите од распишаниот литературен и ликовен конкурс и ќе се одржи културно-уметничка програма.
Попладнето во 16 часот е традиционалната поетска средба во „Сокачето на поезијата“ пред родната Спомен-куќа на Рацин во стариот дел на Велес, каде ќе има поетско читање на наградените творби и посета на ликовната колонија во куќата на Рацин.
Учесниците на средбите ќе бидат ученици од повеќе градови од земјава. Тие ќе се запознаат и со Грнчарската работилница во која работел Рацин продолжувајќи ја традицијата на своето грнчарско семејство,а ќе ги видат и останатите соби од куќата со семејните предмети.
Детските Рацинови средби ќе продолжат утре со Поетски караван во градинките, основните и средните училишта и во Училишниот дом. Ќе завршат во Ликовниот салон со промоција на книгата за деца и млади „Приказни од мојот крај“ од Лила Арсова.