Поранешниот шеф на дипломатијата на камбоџанските Црвените Кмери Јенг Сари почина денеска на 88-годишна возраст, не дочекувајќи ја пресудата по обвинението за воени злосторства и злосторства против човештвото, соопшти Судот.
– Можеме да потврдиме дека Јенг Сари почина изутрината, откако е хоспитализиран на 4 март, изјави портпаролот на Судот во Пномпен, Ларс Олсен.
Сари беше шеф на дипломатијата на тоталитарниот режим на Црвените Кмери, кој беше на власт од 1975 до 1979 година и беше одговорен за смртта на два милиони лица.
На Сари му се судеше пред Суд воспоставен под покровителство на Обединетите нации заедно со поранешниот шеф на државата Кија Сампано (81) и вториот човек на режимот на Црвените Кмери Нуон Чео (86).
– Ќе биде утврдена причината за смртта, а потоа ќе биде предаден на семејството, изјави Олсен и изрази жалење поради тоа што Сари не ја дочекал пресудата.
Тој истакна дека неговата смрт нема да се одрази врз судењето на другите обвинети. Единствен завршен процес пред меѓународниот Суд е судењето на Каинг Гуенк Еаву, управник на затворот Туол Сленг во Пномпен, во кој околу 15 илјади луѓе биле измачувани и убиени. Тој е осуден на доживотен затвор.