Изградба на винарии, откупно-дистрибутивни центри и преработувачки капацитети во Валандовско најави заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски по денешната посета на општината.
Коњановски беше на локацијата каде се планира изградба на развојна зона за лесна незагадувачка индустрија и оствари средба со претставници на земјоделците. Оттаму порача дека соработката на државните институции со локалната власт треба да биде меѓу приоритетите за развој на земјоделството.
– Радува фактот што изминатиов период имаме одлична соработка со локалната самоуправа во Валандово и со градоначалникот Николче Чурлиновски. Тоа резултираше со конкретни проекти во земјоделството. Веќе се утврдени локации за изградба на винарии, а од огромно значење е и оваа зона која е во тек на урбанизација. Во неа се предвидени 7 локации за изградба на откупно-дистрибутивни центри и преработувачки капацитети за земјоделски производи, рече Коњановски.
Тоа, додаде, ќе ја подобри економската слика во Валандово. – Само со заедничка работа и соработка со општините можеме да зборуваме за нови дела во земјоделството, истакна заменик министерот, потенцирајќи го ангажманот на Чурлиновски за развој на секторот и решавањето на проблемите на земјоделците.
– Чурлиновски изминативе години покажа сериозен ангажман и посветеност во делот на развојот на земјоделството. Во неговата изборна програма предвидува нови проекти што е позитивен момент за развојот на аграрот. Уверен сум дека со заеднички напори ќе продолжиме да го развивавме Валандово, подвлече Коњановски.
За време на посетата, заменик министерот Коњановски и градоначалникот Чурлиновски беа и во селото Јосифово. Се сретнаа со тамошните земјоделци на кои, меѓу другото, им порачаа да ја користат државната поддршка за осигурување на посевите која покрива 60 проценти од трошоците за полисата.