Велешкиот суд го одложи првото рочиште за обвинетиот поранешен претседател на кривичниот суд во Скопје, Владимир Панчевски. Причина за одлагањето на денешното судење е што иако на Панчевски двапати му била испратена покана, но тој не ја добил. Судот побарал полицијата да утврди дали живее на адресата која е напишана на обвинението.
Полицијата до денеска не го известила судот дали направила проверки. Во меѓувреме, Панчевски побарал судот во Велес да преиспита дали е месно надлежен, а од Врховниот суд побарал да му се суди пред суд од другите апелациони подрачја, поради тоа што бил постојано во контакт со судиите кои постапуваат од овој реон.
Судијката Габриела Гајдова, го одложи судењето за 18 ноември. Дотогаш полицијата треба да направи обид да му ги достави поканата и списите. Ако на следното рочиште не се појават неговите адвокати, Панчевски доби напомена дека одбраната во овој случај не му е задолжителна, па може да му се суди и без бранители.
Судскиот совет неодамна го суспендира Панчевски поради непрофесионално и несовесно извршување на судиската функција, а тој поднесе жалба на ваквата одлука. Обвинителството го товари Панчевски дека рачно местел предмети на подобни судии, додека тој беше на чело на скопскиот суд.