На женевскиот авто-салон „Сеат“ ја представи купе верзијата на новиот „Леон“. Освен еден чифт врати помалку, и разликата во дизајнот на каросеријата, „Спорт Купе“ има и пократко меѓуосовинско растојание во однос на стандардниот хечбек со 5 врати.
Како повеќето слични модели „Леон Спорт Купе“ од маската на ладилникот до столбовите изгледа идентично со верзијата со пет врати. Потоа автомобилорт го менува карактерот – централните носачи на кровот се тргнати поназад, а вратите на возачот и совозачот се пошироки отколку кај хечбекот.
Силуетата на задниот дел од автомобилот дополнително е накосена, а меѓуосовинското растојание е скратено за 35 милиметри.
Автомобилот е долг 4,23 метри, а капацитетот на багажникот е ист како кај регуларниот модел со пет врати и изнесува 380 литри.
-Сакавме купе верзијата да добие посебен карактер и подинамичен изглед, а за тоа не беше доволно само да ги отстраниме задните врати, ја објаснува трансформацијата од хечбек во купе шефот на дизајнерското одделение на „Сеат“, Алехандро Месонеро-Романос.
Ентериерот на автомобилот е ист како и кај стандардниот хечбек, што премиерата ја имаше на Саемот на автомобили во Париз во 2012 година. Што се однесува до моторите, во понудата ќе се најдат турбо-бензински и дизел единици со директно вбризгување. Најслабата бензинска варијанта ја придвижува 1.2-литарски ТСИ мотор со 105 КС, а по него следат 1.4-литарски ТСИ со 140 и 1.8-литарски ТСИ со 180 КС.
„Сеат“ планира на овие модели подоцна да им се придружат и две верзии со високи перформанси, „Купра“ и „Купра Р“.
„Сеат“ соопшти дека новиот „Леон Спорт Купе“ во продажба ќе се појави во јули 2013 година, а ќе се произведува во фабриката на „Сеат“ во Барселона.