Седум претстави од регионов и од Русија ќе бидат изведени на 13. Меѓународен театарски фестивал „Скупи“, кој в понеделник (21 октомври) ќе го отвори претставата „Карневалите на Корча“ на Националниот театар на Косово од Приштина.
Во наредните денови, секоја вечер до 27 октомври, под мотото „Лог ин“ ќе бидат изведени и: бугарската претстава „Вујко Вања“ на театарот „Вазраждане“ од Софија; руската „Осамениот Запад“ на театарот „У моста“ од Перм; словенечката монодрама „Жените на Ибзен“ на Покет театар студио од Љубљана; српската претстава „Кири и Клодел“ на Пулс театар и терирем продукција од Белград; албанската „Добра ноќ, мајко“ на Метропол театар од Тирана и македонската „Жени пред нервен слом“ на Театар Комедија.
За наградите ќе одлучува тричлено жири: Уљка Мујо, Емин Аземи и Борче Начев.
Фестивалската програма на 13. МТФ „Скупи“ денеска на прес-конференција ја соопштија директорот и уметничкиот директор, Музбајдин Ќамили и Осман Ахмети.
Ахмети рече дека седумте претстави се избрани од околу сто што се пријавиле за учество и дека програмата е конципирана со компромис меѓу нивните можности и желбата да се донесат квалитетни претстави.
Тие се жанровски разновидни – од класиката на Чехов во „Вујко Вања“ до современ театар во „Осамениот Запад“ на Мартин Мекдона. Оваа претстава е наградувана и актуелна и во матичниот театар во Перм кој, пак, рече Ахмети, е меѓу 20 најдобри театри во светот.
Во однос на лани, оваа година „Скупи“ добил поголема поддрша од Министерството за култура (3.400.000 денари), симболично е финансиран и од Град Скопје, а генерален спонзор им е Македонски телеком.
Партнер во организацијата на годинашниот „Скупи“ е Театар Комедија каде што ќе се играат претставите. Очекуваат дека до следното издание ќе биде отворен новиот објект на Албанскиот театар-Скопје каде што ќе имаат матична сцена затоа што, како што рекоа, за 13 изданија со „Скупи“ ги „прошетале“ сите театарски сцени во Скопје.