ВИДЕО: Митото ни откри кои се замениците министри во Владата

Од:

Дејан Павлески, Ѓонул Бајрактар, Садик Бекири, Беким Максути, Александар Бајдевски… Можеби овие имиња се непознати за граѓаните, но тие месечно земаат плата од 60 до 70 илјади денари и им се заменици на актуелните министри во Владата.

Постоењето на заменици-министри се актуелизира откако заменикот на министерот за здравство Венко Филипче, Асим Муса, поднесе оставка по објавеното видео на кое се гледа како зема пари од новинар, кој се претставува како пациент за да закаже операција.  Дури по овој настан поголем број граѓани го дознаа и името на заменик-министерот кој не се прослави со многу проекти и настапи во јавноста, а беше избран пред нешто повеќе од една година.

Од замениците министри ретко се гледа отчетот за сработеното, уште поретко се појавуваат во јавност да изразат став по одредени прашања од нивниот сектор, па оттаму ни граѓаните не можат да дадат оценка за нивната работа. Можеби единствениот исклучок за ова е заменик министерот за животна средина Јани Макрадули, кој излегуваше во јавноста со ставови во однос на загадувањето на воздухот, додека тогашниот министер Садула Дураки граѓаните речиси и да го немаа видено.

Анкетата на „А1он“ покажа дека од петнаесетина заменици министри, граѓаните кои знаат само еден.

„Уф, заменик… Заменик не е оној што беше градоначалник, Жерновски?“, ни изјави граѓанин.

„Министрите ги знам, ама заменици тешко“, рече друг.

Беким Максути, заменикот на министерката за одбрана Радмила Шекеринска, зема плата од 65 илјади денари, љубител е на класична музика, поп и рок и активен во спортови како алпинизам, скијање, фудбал и шах.

Ако го пребарате на интернет ќе видите дека Максути има долга кариера во АРМ и во одбраната, но токму како мајор со армиска униформа салутирал пред споменик на паднати борци на УЧК во 2012-та. Освен неколку изјави за јавноста и неколку протоколарни посети на други држави, за него не можат да се најдат повеќе активности.

Благе Цветковиќ е заменик на министерот за земјоделство. Освен што го заменувал министерот на седници на Владата, за него не може да се најдат никакви други податоци и активности. Ја отворил манифестацијата пчеларски саем, а говорел и на „Избор на најуспешни во областа на земјоделството“ и „Ден на одгледувачи на овци“.

Ѓонул Бајрактар, кој бил професор по математика како заменик на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска има присустувано на неколку настани, а на прес -конференција демантираше дека бил присутен вечерта при упадот во Собранието на 27 април.

За граѓаните, нивните имиња не значат ништо.

„Вчера некој даде оставка, така? Тој да, го знаев уште пред да даде оставка. Другите не“, ни изјави еден од анкетираните граѓани.

СДСМ во програмата „За живот во Македонија“ вети намалување на бројот на министри. Но, тоа не се случи. Ако министерот е отсутен на седницата на Владата може да присуствува и да одлучува неговиот заменик.

Замениците министри остануваат дел од партиската поделба меѓу коалициските партнери, бидејќи на секој министер од владејачката партија од македонскиот блок има негов заменик од помалите коалициски партнери, или обратно.

Би можело да ве интересира

Азизи: Владата вонредно заседаваше, донесена одлука да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

Град Скопје: Ја поздравуваме одлуката на Владата

Нафта од државните резерви за Градот Скопје за решавање на проблемот со автобусите

Вонредна седница на Владата за проблемот со јавниот превоз во Скопје

Левица: Трошокот за унгарски кредит Владата го префрла врз грбот на гараѓаните

Катерина Ѓуровски

Меџити: Нема логика за предвремени избори кога има стабилна влада