Наместо современ урбан живот, далеку од градскиот метеж, жителите кои изградија куќи во скопската населба Јака, во општина Илинден, копаат септички јами и газат кал со гумени чизми. Во Јака, која се најавуваше како елитна населба, нема направено ниту една улица, нема ниту една светилка, населбата е во тотален мрак, отсечена од градот, без јавен превоз. Најавените паркови, игралишта, хотели и трговски центри кои требаше да бидат изградени и по седум години се сè уште ливади обраснати во трева.
„Ова ли е елитна населба, во 21 век копав јама. За ова ли дојдов овде од центарот на градот, сам да чистам фекалии. Но сега е добро, а кога ќе дувне ветер и кога ќе се вселат и другите што направија куќи, со толку септички јами, па тоа ќе биде катастрофа. Нема ниту еден метар асфалт, ова не се улици, туку земјен пат. Довод за вода некаде има, некаде не. Така живееме овде“, вели Александар Карпузовски, еден од жителите кои изградија куќа во оваа населба.
Во населбата има околу 400 плански куќи на млади брачни парови, но поради лошите услови само 30-тина семејства засега се вселени. Тие велат дека за изградба на куќите ги реализирале сите финансиски обврски кон општината Илинден и, според нивни сознанија, од овој проект таа инкасирала повеќе од 1.200.000 евра. Формирале и иницијативен одбор кој се состанува со градоначалникот и општинските власти, но и тоа не помогнало, проблемите и понатаму останале нерешени.
„Кога ќе заврне дожд, кал до колена. Ниту гумени чизми не помагаат. Очајни сме. Не очекувавме дека до толку ќе нè запостават. Инвестиравме, вложивме, а ни една улица не направија“.
„Нема ништо од тие детски игралишта, ниту спортски терени. Децата ги носиме подолу во селото да си играат, овде нема ништо, освен обрасната трева каде може да има и змии.“
„Плаќаме улично осветлување, а нема ниту една светилка. Се жалев во ЕВН, ми велат ние немаме ништо со тоа, тие пари одат во Општината. Нема ни каде да се жалиме“, велат разочараните жители на Јака.
Општинските власти не беа достапни ниту за „А1он“. Во обид да стапиме во контакт со градоначалникот Жика Стојановски, неговите служби ни кажаа дека не е тука и дека на прашањата ќе одговорел откако ќе се врател од пат.
Надлежните од Општината кусо информираа дека побрале средства од ребаланс на буџетот, а испратиле и инфраструктурни проекти до надлежните министерства, затоа што кога се изготвувал проектот, Владата се обврзала 90% од средствата да ги покрие за изградба на населбта. Додаваат дека од таму се уште нема одговор дали средствата за Јака се одобрени.
Во меѓувреме жителите на оваа населба најавија дека доколу властите не преземат ништо за остварување на нивните права, првадата ќе ја бараат по судски пат. За нивните проблеми поднеле претставка и до канцеларијата на Народниот правобранител.
„Да продадете 500 плацеви, да навлечете 500 семејства да инвестираат тука, под изговор дека овде ќе живеат современо и со сите услови и да не исполните ништо од тоа, е најголемата градежна измама во 21 век“, додаваат револтирано жителите.
Инаку, проектот за изградба на оваа населба Општината го започна во 2013, кога понуди плацеви по атрактивна цена кои ги ги купија претежно млади луѓе. Тие имаа обврска за период од 6 години да изградат куќи, а Општината да ја изгради инфраструктурата и содржините што ги најавуваше.