Новиот топ модел од гамата на „Ферари“ – „ЛаФерари“, Што минатата недела беше претставен на салонот на автомобили во Женева, веќе стана предмет на желби на повеќе од 1.000 потенцијални купувачи.
Само неколку дена по успешната премиера на својот нов суперавтомобил, „Ферари“ соопшти дека веќе примил над илјада нарачки за „ЛаФерари“.
Со оглед на фактот дека италијанскиот производител на промоцијата најави дека планира производство на само 499 примероци од „ЛаФерари“, се чини дека повеќе од половината заинтересирани ќе останат со кратки ракави. Освен, доколку „Ферари“ не ја повлече претходната одлука и двојно го зголеми производството на овој автомобил, чија цена на пазарот засега е 1,3 милиони евра.
„Ферари“ на премиерата откри дека добар дел од планираното производство веќе однапред го има распродадено, така што не е сосема јасно дали во овие 1.000 заинтересирани спаѓаат и оние кои автомобилот го платиле однапред.
„ЛаФерари“, што беше претставен во вторникот, на 5 март, во Женева, е опремен со хибриден погон што се состои од 6.3 литарски В12 мотор и електромотор чија вкупна сила е 963 КС.
Автомобилот до стотка стигнува за помалку од три секунди, додека брзината од 300 километри на час ја постигнува за 15 секунди.
Максималната брзина на овој автомобил е 350 километри на час.