Лондонската полиција приведе 135 лица кои учествуваа во протестите во организација на група за борба против климатските промени.
Активистите блокираа патишта, мостови и плоштади во Вестминстер, како притисок врз британската Влада за намалување на емисијата на стакленички гасови.
„Од 11:30 приведени се вкупно 135 луѓе“, соопшти Метрополитан полицијата на Твитер.
Активистите на движењето „Екстинкшен рибелион“ (Extinction Rebellion) ги блокираа главните улици на Берлин, Амстердам и Лондон на почетокот од серијата протести со кои се бара нова политика за заштита на климата.
– Луѓето протестираа во голем број затоа што тие сфаќаат дека времето да се реши ова прашање е сега, не во 2050 година, па дури не и во 2025 година“, се посочува во твитот на Екстиншн ребеликан – Велика Британија, осврнувајќи се на „нето нула“ емисија на стакленички гасови од страна на некои влади.
Членови на движењето „Екстинкшен рибелион“ (Бунт против изумирањето) исто така поставија камп пред просторите на канцеларката Ангела Меркел во знак на протест поради подготвениот пакет мерки за борба против климатските промени. Околу илјада луѓе ја блокираа крстосницата во близина на Тиргартен паркот во Берлин, каде се наоѓа Споменикот на победата. Во Амстердам стотина демонстранти ја блокираа главната улица пред Ријксмузеј, една од најпопуларните туристички дестинации и поставија шатори.
Екологистите во Франција ги блокираа влезовите во трговските центри „симболот на капитализмот“, прогласувајќи ја операцијата „последна окупација пред крајот на светот“.
Протести денеска се одржаа и во Австралија и на Нов Зеланд. Во Сиднеј полицијата уапси 30 демонстранти за одбивање да се симнат од патот кај главната железничка станица, јави ДПА. Слични, но мирни протести се одржаа во Мелбурн и Бризбејн.