ВИДЕО: Уметност, насмевки и добро расположение на 15-тата јубилејна „Бела ноќ“

Од:

Големата присутност, многуте насмеани лица, во добро и пријателско расположение можеби најдобро од сѐ ја отсликаа овогодинешната јубилејна 15-та по ред „Бела ноќ“.

Веќе традиционално, првата сабота од октомври градот Скопје пулсираше во ритмот на културата, уметноста и добрата музика. На 15 локации беа изведени изложби, театарски перформанси, претстави, концерти, и концертни настапи, кои ја одбележаа саботната вечер.

На еден од централните настани, пред Универзалната сала, музичките легенди Славе Димитров, Верица Ристевска, Драган Мијалковски, Лидија Кочовска, заедно со Сашо Гигов – Гиш, Ѓоко Танески, Ај Кју и Сара Мејс и публиката се забавуваа со незаборавните мелодии од „Скопски Фестивал“.

Фестивалот не се одржува веќе 4-та година, а дотраениот објект на Универзалната сала веќе 3-та година не е во функција. На крајот на концертот, по заедничката изведба на легендарната „Чија си“ со Славе Димитров, пејачите заедно со присутните апелираа за враќање на „Скопскиот фестивал“ и обновување на еден од симболите на градот Скопје, Универзалната сала.

Овогодинешните победници на 3Д мапинг натпреварот на фестивалот на светлината Skopje Light Art District, Џереми Ури и Милош Лисински, ја отсликуваа својата визуелна уметност на фасадата на катната гаража „26-ти јули“. Во МКЦ, во рамки на „НЕкултура“ фестивалот, со домашна поддршка, настапи британското електронско дуо, Paranoid London.

Националната Опера и Балет со поставките на „Кармен“ и „Валпургиска ноќ“, одбележа 70 години постоење, а во МНТ се одигра претставата КРУГ, во режија на Наташа Поплавска, со Дејана Поповска и Јакопо Гарфањоли во главните улоги. Во Музејот на современата уметност пак, свој заеднички настап имаа пијанистката Ема Попивода и диџејот Андреј Мицајков.

Многу други изложби, претстави и кино проекции се одвиваа истовремено и на другите локации и простори кои беа дел и со својата програма придонесоа за комплетирање на програмскиот дел на јубилејната 15-та „Бела ноќ“.

Би можело да ве интересира

„Бела ноќ“ во Скопје

Бесплатен јавен превоз за сите граѓани за време на „Бела ноќ 2023“

A1on

Отворен повик за уметници за манифестацијата „Бела ноќ 2022“

Традиционалната „Бела ноќ“ утре на 13 локации низ Скопје

Ана Ололовска

„Бела ноќ“ 2020 – изложби, концерти, перформанси и многу други културни настани во Скопје

Ана Ололовска

Бела ноќ по 16-ти пат в сабота на 10 локации

Ана Ололовска