Полиграфско тестирање и тест за интегритет во моментов не може да се примени во селекцијата на вработувањата во АНБ

Од:

Во процесот на селекција на вработувањата во Агенцијата за национална безбедност (АНБ) строго се почитувани критериумите утврдени во Деловникот за работа, што е едногласно усвоен. Во тие критериуми најнапред поаѓавме од квалитетот на кандидатите и согласно условите што се потребни за нивно селектирање за прием во АНБ, изјави денеска директорот Виктор Димовски, директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), откако реферираше за завршениот процес на селекција на вработени од поранешната УБК, а кои се преземени во АНБ, пред надлежната собраниска Комисија за контрола и надзор над безбедносните служби.

Како што појасни, откако е направена селекцијата, се разгледувале и евентуалните пречки согласно општите и посебните услови предвидени во член 67 од Законот за Агенцијата за национална безбедност.

Процесот на селекција се одвивал во две етапи. Првата завршила на 30 август, кога била селектирана потребната бројка вработени, а дополнително останала бројка од околу 10 – тина проценти, за кои Комисијата оценила дека се потребни дополнителни проверки.

– Во работењето на Комисијата беше констатирано дека постојат тешкотии две одредби од Законот целосно и навремено да се импелементираат. Првата се однесува за спроведување на тестот за интегритет, а втората за спроведување на полиграфското тестирање. Со оглед на практичната неможност овие одредби да се имплементираат, а тие се и дел од редовното работење на АНБ, Комисијата донесе одлука да препорача раководството на АНБ имплементацијата на овие активности да ја има како приоритетна задача во наредниот период, информира директорот на АНБ, Димовски.

На новинарско прашање што поточно значи изјавата дадена од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски дека е утврден безбедносен ризик за околу 50 вработени во поранешната УБК, Димовски појасни дека оваа бројка што ја споменува министерот е составена од оној број неселектирани кандидати во рамки на првата етапа на селектирање и од дополнителните, помала бројка, на неселектирани во втората етапа што се одвивала во текот на септември.

– Постои прецизна законска регулатива што е содржана и во Законот, а постои и Уредба која прецизно ги дефинира овие услови. Можам да кажам дека она што го имам како информации како претседател на Комисијата, бидејќи проверките ги вршеа припадниците на поранешната УБК, дека оценката на Комисијата беше дека тие проверки се извршени согласно законската и подзаконската регулатива, рече директорот на АНБ.

Во однос на изјавата дадена од пратеникот Трајко Димков во врска со селекцијата, Димовски нагласи дека тој учествувал скоро на сите средби, вклучувајќи ја и последната средба на Комисијата.

– Беше присутен на сите одлуки што ги носеше Комисијата, потпишан е на оваа листа на селектирани кандидати, а неговата оценка веројатно е мотивирана од политички причини, тој си ги знае аргументите. Меѓутоа, добро е да знаете дека таа оставка е дадена после одржувањето на последната седница на Комисијата за селекција, рече Димовски.

Прашан дали на објавениот конкурс се пријавиле обвинети во постапки водени од СЈО или осомничени за вмешаност во настаните од 27-ми април во Собранието, директорот на АНБ одговори дека во процесот на селекција немало пријавено кандидати против кои се води постапка во надлежните обвинителски органи.

При селекцијата, направени биле отстапки единствено како позитивна дискриминација за малцинските заедници и за кандидатите вработени помалку од три години во поранешната УБК, млади кадри, кои не можеле да бидат оценувани по принципот за квалитет затоа што за тоа биле потребни најмалку пет години работа.

Двојното државјанство бил елиминаторен фактор односно критериум. Вработени кои се висококвалификувани, како што се познавачи на ретки јазици, ќе имаат приоритет при евентуални нови вработувања во АНБ, откако ќе ја завршат, како што најавиле некои од ни, отпочнатата постапка за отпуст од друго државјанство.

Би можело да ве интересира

Разузнавачките служби ќе функционираат во една агенција

(ВИДЕО) Заев: Имаме Агенција за национална безбедност, како што и доликува на земја членка на НАТО

Ана Ололовска

Агенцијата за национална безбедност вели дека не располага со опрема за следење на комуникации

А1он

(ВИДЕО) Димовски: УБК заминува во историјата, денеска е првиот работен ден на Агенцијата за национална безбедност

Ана Ололовска

Јавна расправа за законот за Агенција за национална безбедност

Ана Ололовска