Земјите членки на Европската Унија сѐ уште не донеле конечна одлука за датумот за преговори за Северна Македонија и Албанија, заклучоците се во фаза на подготовка, а Франција сѐ уште не изнела конечна позиција, брифираа денеска високи дипломати во Брисел.
Земјите членки на ЕУ треба да постигнат согласност за датумот за преговори до 15-ти октомври кога во Луксембург ќе се состанат министрите за надворешни и европски прашања, а датумот за Северна Македонија и Албанија ќе биде една од главните теми на дневен ред.
Според високи дипломатски извори во Брисел, атмосферата е позитивна за Северна Македонија, многу помалку за Албанија, посебно по гласањето на германскиот Парламент, кој постави услови за Тирана. Се огласи и холандскиот министер за надворешни работи Стеф Блок, кој во Парламентот посочи дека двете земји треба да се оценуваат одделно и дека напредокот во земјава е поголем отколку во Албанија.
В среда, земјите на ЕУ се состануваат на амбасадорско ниво и ќе разговараат, меѓу другото, за датумот за преговори.
– Се надеваме дека до среда ќе имаме повеќе информации од францускиот амбасадор во поглед на нивниот став за ова прашање, знаете дека е потребна едногласност по ова прашање, вели дипломат од западна земја членка на ЕУ инволвиран во подготовките на претстојниот Совет за општи работи.
Од француска страна за сега одбиваат да соопштат какви било детали околу нивната позиција до медиумите, додека други земји членки на ЕУ шпекулираат дека со одлуката во Германија и Холандија да се одвојат Тирана и Скопје се олеснува носењето позитивна одлука за Северна Македонија.
– Отворањето преговори со Северна Македонија и Албанија е предлогот на Европската Комисија и тоа е тоа што се обидуваме да го туркаме, но не можеме да предвидиме што ќе се случи. Германија имаше јасно гласање кое е многу поволно за Северна Македонија, а условено за Албанија, вели овој дипломат.
Дипломатите не ја исклучуваат можноста да не биде постигнат конечен договор на дипломатско ниво до 15-ти и одлуката да ја донесат самите министри за време на Советот тој ден.
Одлуката за отворање преговори со Македонија и Албанија беше одложена минатиот јуни поради гласањето во германскиот Бундестаг, кое конечно се одржи минатата недела.
Одвојувањето на двете земји е варијанта која долго време се споменува во Брисел и во некои земји членки. Македонската страна стави на знаење дека поддржува старт на преговори за двете земји, но дека Скопје не смее да биде заложник на евентуална негативна одлука за Тирана.
Одредени земји членки на Унијата, кои имаат резерви кон проширувањето додека не се реформира ЕУ, размислуваат за задржување во „пакет“ на двете земји за да може да се одложи повторно прашањето, но со последните одлуки во Германија и Холандија станува сѐ поизвесно дека се оди кон одвојување на двете земји. Останува да се види во кој облик и со какви заклучоци.