Отворен патот за старт на преговорите со ЕУ, законот за ЈО не е услов

Од:

Патот за старт на преговорите на земјава за членство во Европската Унија полека се отвора. Германскиот Бундестаг и одобри на Владата да се заложи за отворање пристапни преговори, а позитивни сигнали доаѓаат од Франција, по изјавата на францускиот амбасадор во земјава Кристијан Тимоние кој изрази очекување за зелено светло и од претседателот Емануаел Макрон. Вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, вели дека е добро што донесувањето на законот за јавно обвинителство, на што се работи, не е поставено како услов, туку што и за власта и за Европската Комисија не е најважно самото носење на законот, туку обезбедување услови за функционална правна држава.

Пратениците во германскиот Бундестаг со големо мнозинство и одобрија на Владата да се заложи за отворање пристапни преговори со Република Северна Македонија. За предлогот гласаа и власта и дел од опозицијата. Во делот за земјава владејачката коалиција бара да се гарантира дека реформскиот курс и заокружувањето на потребните реформи ќе бидат одржани и се додава дека мора да се преземат дополнителни напори за да ги исполни критериумите за членство во ЕУ, особено во делот на владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал и засилување на институциите за заштита и подобрување на човековите права.

Шефот на германската дипломатија Хајко Мас ја поздрави одлуката на Бундестагот да даде зелено светло за старт на преговорите за членство на Северна Македонија и на Албанија во ЕУ, и оцени дека поддршката е важен сигнал кој го подвлекува значењето кое Западниот Балкан го има за ЕУ и оти реформите се ценат.

Гласањето го поздрави и комесарот за проширување и соседска политика на Европската Унија, Јоханес Хан.

– Го поздравувам денешното гласање на германскиот Бундестаг за почнување на преговорите за пристап на Северна Македонија и Албанија во октомври. Признавањето на конкретниот напредок е клучно како поттик за реформи во Западен Балкан и за кредибилитетот на ЕУ!, напиша еврокомесарот Хан на Твитер.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар смета дека одлуката што ќе биде донесена во октомври зависи како ќе бидат решени некои кризи и ситуации во регионот.

-Има некои ситуации во регионот, вклучувајќи ја и таа меѓу Косово и Србија. Мислам дека одлуката во октомври во иднина ќе влијае и на тие проблеми. Сакам да кажам дека регионот е поврзан, никој не е целосно независен. Успехот на една држава има влијание врз успехот на друга држава и обратно, изјави тој во интервју за ТВ Алфа. Во однос на СЈО, Жбогар посочи дека неговата работа и случаи мора да продолжи преку регуларните обвинителства.

Поддршка и зелено светло за почеток на пристапни преговори и од претседателот на Франција Емануел Макрон очекува францускиот амбасадор во земјава Кристијан Тимоние.

– Ние го очекуваме зеленото светло од нашиот претседател на Републиката. Како и секогаш, ние многу споделуваме со нашите германски партнери за оваа тема. Имаме добар став кон вашата земја и кон сите напори што таа ги направи на регионален план. Ние, Французите и Германците многу добро знаеме дека треба уште многу, многу работа за реформите што се на хартија да станат реформи во реалност. Ќе направиме еден убав коктел меѓу реалноста и она што значи добар прием. Реалноста која треба да се поправи и дополни и секако она што ние го очекуваме, а тоа е добар прием од наша страна, изјави Тимоние.

Државниот врв преку социјалните мрежи ја поздрави одлуката на германскиот Буднестаг кој гласаше за отворање на преговорите на нашата држава со Европската Унија.

Претседателот на државата Стево Пендаровски на својот Твитер профил се заблагодари за поддршката од Бундестагот. – Danke Deutschland. Со големо мнозинство гласови „за“ пратениците во германскиот Бундестаг дадоа зелено светло за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, напиша Пендаровски на Твитер.

Премиерот Зоран Заев, кој е во Њујорк на 74. Генерално собрание на Обединетите нации, на својот Фејсбук профил заблагодарувајќи му се на Бундестагот оцени дека ова е голем поттик да продолжиме да работиме уште повеќе.

– Вечерва добивме прекрасна вест од Берлин. Бундестагот со огромно мнозинство даде поддршка за ЕУ да ги започне преговорите за членство со Северна Македонија. Конечната одлука ја очекуваме во октомври, што ќе значи признание за граѓаните и институциите и за сите наши одлуки, напори и успеси. Ова е голем поттик, продолжуваме да работиме уште повеќе. Благодариме на сите пратеници во германскиот Бундестаг и на владиниот тим на канцеларката Ангела Меркел, напиша Заев на Фејсбук.

Вицепремиерката Шекеринска вели дека се прави сѐ за да биде донесен законот за јавното обвинителство, но дека она што е најважно и за власта и за Европската Комисија не е самото носење на законот, туку обезбедување услови за функционална правна држава.

-Самата Европска Комисија инсистираше на многу мудар „речник“. Тие никогаш не се фокусираа на законот, туку се фокусираа на резултатите. А резултатите значеа дека мора да завршат не само истрагите и судските предмети, туку мора да се обезбеди да има одговорност за сите кривични дела коишто биле направени. И затоа фокусот беше делата, предметите, судските постапки, а не само проформа законот. Европската Комисија долго време ни ја праќа пораката немојте да мислите дека нам ни е целта само нов закон, изјави министерката за одбрана која учествуваше на Форумот за поврзаност на Европската Комисија.

Шекеринска уверува дека преговорите за законот со опозицијата ќе продолжи и таа изрази надеж дека опозициската партија ќе престане да биде „заложник на криминалот и корупцијата од минатото“.

Би можело да ве интересира

Невремето без струја го остави целиот дебарски регион

Предраг Петровиќ

Го претепа кучето со метална шипка по глава само затоа што извршило нужда пред капијата

Предраг Петровиќ

Османи: Гледаме многу загриженост кај Албанците во Македонија во однос на правата стекнати со Охридскиот договор

Акцијата „Моби Дик“ една од најголемите во ЕУ – даночно затајување од 520 милиони евра

А1он

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Косачов: Европската Унија нема да опстане без Русија и БРИКС