Јеменските бунтовници Хутите ја обвинија арапската коалиција предводена од Саудиска Арабија за сериозна ескалација на нападите во Ходеида.
– Интензивните напади врз Ходеида претставува сериозна ескалација која може да го уништи договорот од Шведска, изјави еден од лидерите на Хутите, Мохамед Абдесалем еден ден по воздушните напади на коалицијата врз пристанишниот град.
Тој додаде дека коалицијата ќе биде одговорна за последиците од ескалацијата на насилство.
Коалицијата предводена од Саудиска Арабија која интервенира во Јемен од 2015 година на страна на меѓународно признаената Влада, соопшти дека вчера покрена воена операција против Хутите. Тоа е прва саудиска акција од нападите на 14 септември врз саудиските нафтени објекти, за кои Хуитите презедоа одговорност.
Коалицијата вчера соопшти дека уништила четири локации кои се наоѓаат северно од Ходеида, каде бунтовниците составуваат теледиригирани чамци и поморски мини. Тие локации се закана за поморската безбедност во стратешкиот премин Баб ал Мандеб во јужниот дел на Црвено Море, објави саудиската новинска агенција СПА.
Абдесалем исто така обвини дека коалицијата запленила повеќе бродови, истакнувајќи дека тоа е воен чин и агресија.
Пристаништето Ходеида и понатаму е под контрола на Хутите и покрај постигнатиот договор под покровителство на ОН и потпишан на 13 декември 2018 година, со кој е предвидено контролата да биде предадена на неутрални сили, како и бунтовничките и владините сили повторни да се распоредат околу градот.
Хутите, кои се поврзани со Иран, ја презедоа одговорноста за нападите во саботата врз саудиските нафтени постројки. Ријад и Вашингтон за нападите го обвинуваат Техеран, кој негира каква било вмешаност.