Европската комисија ја уверува јавноста дека има доволни резерви на гас за оваа зима

Од:

Европскиот комесар задолжен за енергетика, Марош Шефчович одржа нова рунда трилатерални разговори со Русија и Украина попладнево за транзитот на рускиот гас кон ЕУ преку Украина, ЕУ не очекува проблеми со снабдувањето оваа зима.

-Знам дека ова е многу чувствително прашање и затоа блиску соработуваме со сите оператори да се осигуриме дека има подготвеност на највисоко ниво, можам да ја уверам јавноста во Европа дека резервите на гас се полни за 98 отсто, Украинците имаат четири милиони кубни метри, што е повеќе од минатата година, имаме резервни планови, уверен сум дека е од интерес и на Украина и на Русија снабдувањето да продолжи без прекини и оптимист сум дека ќе најдеме решение, изјави Шефчович попладнево пред новинарите.

Тој додаде дека за време на состанокот воопшто не станало збор за негативни сценарија и дека позитивната и конструктивната средба била фокусирана на изнаоѓање начини за соработка.

Договорот помеѓу Русија и Украина за транзит на гас завршува на крајот на оваа година, и двете страни не успеваат да се договорат за следните чекори. На трилатералната средба денеска, покрај еврокомесарот, беа присутни украинскиот министер за енергија, Олекси Оржел, рускиот министер, Александер Новак, како и претседателите на компаниите Нафтогас и Гаспром.

Трите страни попладнево разговарале за начинот на кој Киев треба да ги примени европските закони и правила во домашното законодавство, како и за временскиот рок на идната спогодба, цените и количините, информираа од Европската Комисија.

-И опишавме на руската делегација како Украина постепени ги инкорпорира европските енергетски правила и дека идната спогодба мора да ги почитува сите европски регулативи, руската страна од нас бараше гаранции дека ЕУ законодавството ќе биде соодветно применето во украинското, објасни комесарот Шефчович.

Киев и Москва сега треба да продолжат со разговорите во наредниот период на билатерално ниво и очекувањата се да се закаже нова политичка средба кон крајот на октомври со надеж дека ќе биде до тогаш постигнат напредок.

Шефчович се осврна и на кризата во Саудиска Арабија каде нападот на дронови врз нафтени станици предизвикува раст на цените на нафтата во Европа.

-Мислам дека ова е уште еден доказ дека хибридните војни се штетни за политичката и енергетската стабилност, за прв пат гледаме како неколку дронови можат да направат толку голема штета на глобален нафтен снабдувач, истакна еврокомесарот.

Тој посочи дека постојат резерви на нафта за најмалку три месеци и дека и покрај промените во цените ситуацијата ќе се стабилизира.

-Ова покажува за ЕУ колку е важен процесот на декарбонизација, да се биде помалку зависен од увезена енергија е исклучително важно и ќе биде врвен приоритет на идната Европска Комисија, додаде Шефчович.

Би можело да ве интересира

Акцијата „Моби Дик“ една од најголемите во ЕУ – даночно затајување од 520 милиони евра

А1он

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Косачов: Европската Унија нема да опстане без Русија и БРИКС

Блумберг: Лидерите на ЕУ го повикаа Бајден да ја зголеми помошта за Украина пред доаѓањето на Трамп

Вучиќ: ЕУ треба да ја промени стратегијата кон Западен Балкан, но и кон Србија

Рама: Извештајот за напредокот на Албанија за 2024 година најпозитивен до сега

А1он