(ВИДЕО) Бараките во Бутел пред рушење: Мајка моли за покрив над главата за да не ѝ буричкаат децата во контејнерите

Од:

Во трошна соба полна со влага и мувла во една од трите руинирани судски бараки живеат Фирдез и Бајрам Османи со две деца на 6 и 3 години и тие се едно од 15-те семејства што мора да ја напуштат бараката што ќе се руши. Фирдез со солзи во очите моли да ѝ најдат покрив над главата да не заврши на улица, а децата да ѝ буричкаат во контејнерите.

„Ако не за мене, за децата нека се сожалат. Како ќе ги гледам на улица, каде да одам? Има ли држава, има ли правда, доаѓа зима, каде ќе мрзнеме со децата. Ништо немам, ниту плата ниту социјална помош, ги гледам децата од милостина. Ова ли е живот, спијам на бетон, коските ме болат. Од социјалното дојдоа и ми велат: Што да ви правиме, тоа е, и си заминаа“, вели мајката Фирдез.

Истата судбина ја дели и 65-годишната Параскева Чочовска, која со својот син 20 години живее тука. Вели дека е изморена чекајќи да добие стан. Во годините наназад тропала на сите врати, барала социјален стан, но не го добила.

„Од 2000 година сум тука и ме одбија. Добија луѓе што не беа ни две години сместени во бараката. Болна сум, со куп дијагнози, самохрана мајка на две деца, кои речиси ги изгледав овде во оваа мизерија и ми велат дека немам право на стан. Не знам што да кажам. Немаме друго чаре, освен со син ми да направиме импровизирана барка пред Општината и таму да живееме, па ако имаат душа, нека ме избркаат“, револтирано изјави Параскева.

Во бараките има триесетина луѓе, претежно болни, самохрани родители, самци, а има и трудници. Условите во кои живеат се мизерни, нема струја оти инсталации има само во некои простории, а вода има само во еден од некогашните судски тоалети. И покрај таквите услови, луѓето сместени тука се молат да не дојдат багери и да ги урнат бараките бидејќи не сакаат да бидат сместени во Чичино Село, кое им било понудено како опција.

„Чичино Село не доаѓа предвид. Со малолетно девојче не одам таму, тоа не е место за гледање дете. Како што ги сместија другите, нека нè сместат и нас. Навистина немам кај да одам, може слободно да проверат. Немам ниту родини ниту пријатели. Вдовица сум, сама со дете“, додава Атиџе Демир.

Земјиштето на кое се наоѓаат бараките е државно и тука ќе се гради објект со 312 стана наменети за социјално ранливи семејства, велат од Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор. Од таму упатија дека луѓето сместени во бараките треба да поднесат документи до владината Комисија за станбени прашања, која треба да им обезбеди сместување кога ќе почне изградбата на становите.

„Локацијата ќе почне да се расчистува во моментот кога на лицата што ги исполнуваат условите во согласност со правилата на Комисијата за станбени прашања при Владата ќе им бидат доделени живеалишта што се од фондот на станови со кои стопанисува АДСДП. На сите лица АДСДП во изминатиот период им излезе во пресрет упатувајќи ги каде и на кој начин да ги обезбедат потребните документи за да аплицираат во владината Комисија за станбени прашања“, велат од Јавното претпријатие за станбен и деловен простор.

Инаку, жителите изјавија и дека од Општина Бутел пред изборите им ветиле дека пред да се рушат бараките сите семејства ќе бидат сместени во други бараки и станови. Од Општината не одговрија дали ќе се погрижат за овие луѓе.

Би можело да ве интересира

Левица: Додека функционерите уживаат во луксуз, секое трето дете во Македонија живее во сиромаштија

Секое трето дете во земјава живее во сиромаштија

Катерина Ѓуровски

Отец Оливер Петровски: Околу 700 000 луѓе имаат само еден оброк во текот на денот, половина се деца

А1он

Демократско движење: Додека Владата експериментира, сиромаштијата само расте

Горан Наумовски

Четвртина од населението во Македонија не може да си го загрее домот: Енергетската сиромаштија се зголемува

A1on

Речиси петтина од населението на Хрватска во ризик од сиромаштија

А1он