Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Абас Мосави денеска изјави дека Иран го поддржува јеменскиот народ кој страда од саудиското бомбардирање, но оти е „ноторна лага“ дека Иран е вмешан во нападите на нафтениот комплекс во Саудиска Арабија.
– Наводите на САД против Иран се неосновани и скандалозни, додаде тој.
САД објавија снимки од сателит, а цитираа и податоци од разузнавачки агенции кои тврдат дека Иран стои зад нападот врз саудиските нафтени постројки.
Иран негираше вмешаност во воздушните напади што се случија во саботата, а претходно бунтовниците Хути во Јемен, кои имаат поддршка од Иран, ја презедоа одговорноста за нападите.
Неименувани американски официјални претставници кои комуницираат со американски и меѓународни медиуми, рекле дека насоката и обемот на нападот не укажуваат на тоа дека е можно Хутите да го извршиле нападот.
Инцидентот доведе до глобално намалување на резервите на нафта за пет проценти и предизвика зголемување на цените на нафтата.
Неименувани американски официјални претставници разговарале со Њујорк Тајмс, Еј-Би-Си Њуз и Ројтерс.
Еден од нив рекол дека имало 19 точки на удари на целите и оти нападите дошле од запад и северозапад, а не од Јемен, кој е јужно од Саудиска Арабија.
Официјални лица, кои ги цитира Њујорк Тајмс, рекле дека во нападите биле користени комбинации на беспилотни летала и крстосувачки ракети, но сите не ги погодиле целите – постројката за преработка Абкаик и нафтеното поле Хураис.
По првичното зголемување, дојде до стабилизацијата на цените откако американскиот претседател Доналд Трамп овозможи пуштање во промет на американските резерви.