Доколку светот сака да го спречи бројот на смртни случаи како последица на пушењето до крајот на столетието ќе надмине милијарда, тутунската индустрија мора да почне да се третира како закана за јавното здравство, порачаа здравствени експерти на меѓународен собир организиран од Универзитетот Харвард.
– Единствена која има корист од пренесување на пушачките навики од една сиромашна генерација на друга е тутунската индустрија, предупредува Грегори Коноли, директор на центарот за глобален развој над тутунот при харвардската школа за јавно здравје и претседател на конференцијата која во Бостон собра претставници на над 40 земји и меѓународни организации како ЕУ, Африканската унија и Светската здравствена организација (СЗО).
– Овој состанок е историски чекор кон претворањето на пушењето во светот во минато, рече тој.
Здравствени експерти порачаа на конференцијата дека контролата врз тутунските производи мора да се вклопи во програмите на ОН и другите развојни агенции ширум светот, а земјите одделно мора со донесување закони не само да го заштитат здравјето на нацијата туку и да ги ограничат штетите кои се последица на таа индустрија.
Коноли предупредува дека од последиците на пушење штета трпат сите индустрии освен тутунската, а истото важи и за економиите на сиромашните земји и нивното население.
На собирот беше апелирано да се вложат напори бројот на пушачи да се намали на помалку од пет отсто население во светот во светот до 2048 година.
Пушењето во земјите во развој веќе досега однесе околу 100 милиони животи.