Точно на пладне тргна првата поворка на гордоста во Босна и Херцеговина. Повеќе од илјада учесници носејќи транспаренти во знак на поддршка на ЛГБТИ лицата шетаа низ главната градска улица кон плоштадот БиХ.
Собирот протече мирно и без никакви инциденти, а колоната ја штитеше повеќе од 1200 припадници на полицијата.
На собирот на противниците на геј парадата што се одржа исто така во Сараево, беше извикувано „Алах екбер“.
Околу 300 учесници на контрасобирот носеа транспаренти со навредливи пораки, а еден од нив го нападнал известувачот за телевизијата Н1, велејќи дека не е задоволен од известувањето од настанот.
Оваа телевизија јави дека полицијата интервенирала и дека нивниот новинар поминал без последици
Од собирот беше порачано дека припадниците на геј популацијата не се добродојдени во Сараево и дека нивната денешна парада е најголемото понижување кое овој град го има доживеано. Многумина се повикуваа на тоа што го пропишуваат верските книги.
Собирот е одржан кај паркот Циглана, а ги организирала иницијативата „Исчекор“.
Граѓаните на Сараево се огорчени дека од утрово е блокиран приодот кон Домот на здравјето поради одржување на Парадата на гордоста.
Како што потврдил портпаролот на Домот на здравјето во Сараево, полицијата дозволува пристап само за итните медицински случаи.
– Ова е нонсенс. Здравјето на граѓаните не би требало да биде загрозено по ниту една цена. Се е блокирано. Слушам дека некои луѓе не можат да пријдат до своите домови, рече Арман Шаркиќ, портпарол на Домот на здравјето во Сараево.