Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски денеска имаше средба со Регионалниот директор на Светската здравствена организација за Европа, Жужана Џејкоб, а по повод денешната инаугурација на Седиштето на Здравствената мрежа на Југоисточна Европа во Скопје.
Како што соопшти МНР, на средбата беа разменети мислења за активностите на СЗО како специјализирана агенција на ОН, со примарна цел постигнување на највисоко ниво на здравствена заштита за сите луѓе. Беше истакната и позитивната улога на Канцеларијата на СЗО во Македонија во поддршка на реформските процеси во областа на јавното здравство и институционално зајакнување на здравствениот сектор.
Соговорниците искажаа задоволство од отворањето на Седиштето на Здравствената мрежа на Југоисточна Европа во Скопје, што се очекува да придонесе за зајакнување на регионалната соработка во областа на јавното здравство.