Советот на јавните обвинители донесе заклучок дека барањето за декласификација на извештајот за поведената постапка за разрешување на Катица Јанева кое што е поднесено до Собранието не го прифаќа.
Во образложението пишува дека одлуката е таква бидејќи истрагата за Јанева е сè уште отворена и класифицирањето е за да се заштитат правата на лицата од извештајот.
„…Извештајот за утврдена фактичка состојба број 03-133/6 од 29.08.2019 година поднесено до Собранието на Република Северна Македонија не може да се прифати со оглед дека Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција сеуште води истражна постапка за актуелниот предмет оформен против Специјалната јавна обвинителка и од тие причини потребно е да се заштитат правата на лицата кои се наведени во извештајот или да се спречи недозволено влијание во ова постапка“, пишува во обрзложението на Советот.
Утре е закажана седница на собраниската комисија за избори и именувања која треба да одлучи што ќе прави по одлуката на Советот на јавни обвинители, да не го декласифицира извештајот за Јанева.