По еден час распит кај обвинителката Вилма Русковска, Лила Филиповска одби да одговори на сите новинарски прашања. Таа не кажа која е нејзината поврзаност со „Рекет”, а на прашањето дали му позајмувала пари на Боки 13, таа гласно се изнасмеа
Наместо одговори таа рече „Дечко ќе ми ја расипеш фризурата” и ги прашуваше новинарите „Ау од кога ти се занимаваш со ова“.
Таа замина од Обвинителството, а не одговори ниту на прашањето „Дали го посетивте Боки 13 во затвор”, кое го поставија новинарите.
Пред да се качи во автомобилот, Филиповска на новинарите им рече „Чао друштво“.
Како што дознава А1он, водителката Лила Филиповска го привлекла вниманието на обвинителката Русковска откако биле забележани големите позајмици кои му ги дала на Бојан Јовановски.
Неофицијлано, водителката во два наврати префрлала на сметка на Боки 13 или на фирма која е поврзана со него по 20 илјади евра.
Обвинителството за организиран криминал испитува дали парите што Филиповска ги дала како позајмица на Боки 13 се од земениот „Рекет“, кој тој го изнудил од Орце Камчев. Тие ќе проверуваат и како илјадниците евра завршиле на сметката од Филиповска, односно дали се нејзини, и доколку се ќе се бара како се стекнала со нив.
Водителката Филиповска беше во автомобилот на Боки 13 кога полицијата го приведе на граничниот премин „Богородица“. „А1он“ веќе објави дека првоосомничениот во случајот „Рекет“, Боки 13, се обидел да избега од државава заедно со уште четворица, а бил лоциран според базната станица во близина на Гевгелија и запрен на пасошка контрола.