Поранешниот словачки надбискуп Роберт Безак, кој минатата година под неразјаснети околности беше отповикан од поранешниот папа Бенедикт Шеснаесетти, не смее повеќе да настапува на телевизија од каде досега им се обраќаше на верниците.
Неговите телевизиски обраќања беа популарни и според анкетите ги следеа околу 170 илјади луѓе, исто како и неговите редовни проповеди во црквата пред една година, кога беше отповикан, јави дописникот на МИА од Прага.
Забраната за телевизиските обраќања му била соопштена еден ден пред оставката на поглаварот на Римокатоличката црква, папата Бенедикт Шеснаесетти.
Според словачките медиуми, забраната Безак ја прифатил смирено барајќи од печатот и телевизијата да ја почитуваат неговата состојба, истовремено заблагодарувајќи им се за досегашната поддршка и помош.
Причините за отповикувањето на Безак досега не се соопштени, иако медиумите шпекулираа дека функцијата загубил, меѓудругото, и поради либералниот пристап кон геј свештениците, како и симпатиите кон цивилното облекување. Тој исто така ги критикуваше контроверзните финансиски трансакции од страна на Архиепископијата пред неговото стапување на функцијата.