Со нож, од засега непознати причини, 15-годишен бегалец без придружба од Авганистан, нападна негови врсници во прифатниот центар на грчкиот остров Лезбос, усмрти еден од нив, а двајца повреди.
Инцидентот, според грчките медиуми, се случи синоќа кусо по 23 часот во делот за прием на малолетни лица без придружба што е во склоп на центарот за прием и идентификација на бегалци и мигранти во Морија на Лезбос.
Малолетниот бегалец со нож нападнал врсници, негови сонародници, усмртил еден, додека пак од двајцата повредени, едното дете е во сериозна состојба.
Според грчките медиуми инцидентот се случил во т.н. заштитена зона, каде што се сместени малолетните бегалци и мигранти без придружба, а нивната бројка е тројно поголема од капацитетот на центарот. Во конкретниот дел наменет за 160 лица има над 600 малолетници.