Белгија не може да се договори за назначување европски комесар

Од:

Белгија, која сѐ уште нема федерална влада по мајските парламентарни избори, не успева да се договори за кандидат за еврокомесар. Рокот истекува на 26 август.

Белгија е една од петте земји кои сѐ уште не назначиле кандидат за еврокомесар во новиот состав на Европската Комисија, кој треба да стапи на функција на први ноември, под водство на Германката Урсула фон дер Лејен.

Името кое најчесто се споменува во Белгија е на досегашниот министер за надворешни работи, Дидие Рејндерс од редовите на либералите. Но, за да биде одобрена неговата кандидатура треба да се согласат сите политички партии.

Според непишано правило, европскиот комесар од Белгија една година доаѓа од редовите на франкофонските политичари, а другата од фламанската политичка сцена, за да се запази јазичната рамнотежа.

Досегашната еврокомесарка Мариан Тејсен доаѓаше од фламанската демохристијанска партија ЦДВ.

Меѓутоа од партијата на социјалистите, една од најголемите белгиски партии, негодуваат за изборот на Рејндерс и сметаат дека е неоправдано и еврокомесарот и претседателот на Европскиот Совет да бидат од истата политичка партија. За потсетување, земјите членки на ЕУ во мај го назначија досегашниот белгиски премиер, Шарл Мишел за претседател на Европскиот Совет, на местото на Доналд Туск. Мишел и Рејндерс се од истата партија.

Социјалистите во Белгија ја предлагаат Лорет Онкелинкс, една од најистакнатите фигури во партијата и повеќе пати министерка во претходните федерални и регионални влади.

Социјалистите потсетуваат и дека Фон дер Лејн побара од земјите членки на ЕУ да понудат 50 отсто жени кандидатки.

Сите земји членки треба да предложат кандидат до 26 август.

Би можело да ве интересира

Акцијата „Моби Дик“ една од најголемите во ЕУ – даночно затајување од 520 милиони евра

А1он

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Косачов: Европската Унија нема да опстане без Русија и БРИКС

Блумберг: Лидерите на ЕУ го повикаа Бајден да ја зголеми помошта за Украина пред доаѓањето на Трамп

Вучиќ: ЕУ треба да ја промени стратегијата кон Западен Балкан, но и кон Србија

Рама: Извештајот за напредокот на Албанија за 2024 година најпозитивен до сега

А1он