Најјасниот знак дека наближува изборот на нов папа е соопштението дека Сикстинската капела ги затвора вратите за посетители, пренесе ДПА.
Рано попладнево просторијата со фреската-ремек дело на Микеланџело беше затворена за посетители „до втора наредба“, се соопштува на сајтот на Сикстинската капела.
Тоа е знак дека работници на Ватикан ги почнале подготовките за конклавата.
Во 2005 година подготовката вклучуваше монтирање на вештачки под за прикривање на апаратите против прислушкување и додавање на печката, каде се горат гласачките ливчиња, кон оџакот на Сикстинската капела.
Некои кардинали се уште се на пат за Рим и засега не е посочен датумот за почеток на конклавата. Се очекува да пристигнат уште петмина од 115-те кардинали, кои треба да се соберат, за да го изберат новиот папа, посочува ДПА.