Ако сите епидемии се решаваа со убивање, немаше да има живи суштества на планетава, велат од здружението за заштита на животни „Анима Мунди“, од каде бараат владата итно да ги отповика, како што велат, најавените монструозни мерки за убивање на животните.
„Свинската чума не е опасна за луѓето, а само Македонија планира масакр на свињите, додека мерките во нашето соседство се сведуваат на хигиена, дезинфекција, пријавување на секое угинато животно и забрана за увоз и извоз“, се наведува во соопштението на здружението.
Од таму додаваат дека за најавениот колеж на свињите државата ќе потроши 65 милиони денари.
„Надокнада од 3.000 денари за секоја заклана свиња од страна на селските домаќинства, парична награда од 1.000 денари за ловџиите за секоја застрелана единка. Каде живееме ние, се срамиме и ни се гади“, истакнуваат од „Анима мунди“, од каде изразуваат и негодување кон ловџиите за кои велат дека убиваат животни од чиста забава.