Косовскиот премиер Хашим Тачи изјави дека со премиерот на Србија, Ивица Дачиќ и претставничката на ЕУ, Кетрин Ештон разговарале за решение за заедниците во српските општини, но не постигнале никаков договор.
Премиерот на Србија, Дачиќ истакна дека во денешниот разговор во Брисел постигната е согласност за формирање заедници на девет српски општини на Косово, но не и договор за надлежностите на заедниците. Новата рунда на дијалогот ќе биде на 20-ти март.
Српската страна бара поголеми овластувања за таа заедница, отколку што Приштина е подготвена да прифати.
Премиерот на Србија состанокот го оцени како консруктивен, додавајќи дека е постигнат одреден напредок, но разлики постојат во тоа како се бираат органите и какви се надлежностите на заедниците.
Тачи истакна дека под никакви околности не може да се прифати заедниците да имаа извршни овластувања и дека неприфатлив е и планот Ахтисари плус.
Тој додаде дека разговарале и за воспоставување ред и мир на Косово и дека е постигната вербална согласност за расформирање на паралелните безбедносни структури на Србија.
Тема на разговорот било и распуштањето на безбедносните структури и функционирање на правосудството.
Од денес можам да кажам дека сум оптимист во поглед на нормализација на односите помеѓу Косово и Србија – изјави Тачи.
Претставничката на ЕУ, Ештон соопшти дека од состанокот со премиерите на Косово и Србија, гледа напредок во дијалогот.