Субрата Рој се откажа од донацијата на Мајка Тереза на скопскиот плоштад. Вакви коментари сe почесто се слушаат од минувачите на плоштадот „Македонија“, испровоцирани од фактот што никаде ја нема плочата која симболично Рој и премиерот Груевски ја открија во знак на најавената донација, Пишува „Утрински“.
Пред еден месец кога речиси целиот државен врв го пречека Индиецот на Плоштад, откриената плоча беше поставена на маса. Што се случи потоа со неа, официјално никој не знае.
Плочата ја нема во непосредната околина на местото на кое беше одржана свеченоста, ниту, пак, на парцелата која е резервирана за таканаречениот паметник за Мајка Тереза, пишува весникот.
Од Општина Центар за „Утрински“ велат дека немаат никакви сознанија и оти во целиот случај се надлежни од Министерството за култура. Оттаму, пак, не ја разоткриваат дилемата дали можеби Субрата Рој се премислил за донацијата или постапката се турка независно од случувањата со неговиот имот и богатство во Индија.