Киргистанската полиција уапсила повеќе од 40 приврзаници на поранешниот претседател Алмазбек Атанбајев, во текот на немирите во главниот град Бишкек.
Немирите беа ставени под контрола неколку часа по апсењето на експретседателот Атамбајев, а полицијата сега работи на идентификувањето на организаторите на протестите, пренесе Тасс.
Околу 1.000 приврзаници на Атамбајев се собраа синоќа на главниот градски плоштад, барајќи оставка од актуелниот претседател Соронбај Женбеков.
Половина час подоцна полицијата успеа да ги растера, повремено користејќи и шок бомби.
Според последните податоци, 98 лица побарале медицинска помош.
Атамбајев, кој е обвинет за корупција, вчера им се предаде на властите, по акцијата на апсење на специјалните единици на полицијата, која траела цели 24 часа.
Киргистанските специјални сили во средата ја почнале акцијата за апсење на Атамбајев, меѓутоа, неговите приврзаници пружиле жесток отпор при што еден припадник на специјалните сили загинал, а 52 лица се повредени, меѓу кои имало и новинари.
Киргистанските безбедносни сили вчера почнале нова акција за апсење, а приврзаниците на Атамбајев повторно се собрале.
Претседателот Женбеков вчера изјави дека Атамбајев го прекршил Уставот на земјата со давањето вооружен отпор на полицијата.