На поранешниот претседател на Киргистан, Алмазбек Атамбаjев, судот му одреди притвор до 26 август, откако вчера беше приведен во неговата резиденција од специјалните сили, по судирите со неговите поддржувачи, јавија француските медиуми.
Оваа централно-азиска држава, која за помалку од две децении преживеа две револуции, во моментов се наоѓа на работ на нова криза заради кавгите меѓу Атамбаjев и неговиот доскорaшен политички миленик кој се претвори во негов главен опонент, актуелниот претседател Соронбај Џенбеков.
Агенциите потсетуваат дека Атамбаjев беше приведен откако вчера им се предаде на силите за безбедност. Во третиот напад врз неговиот дом во селото Кои-Таш, крај главниот град Бишкек, припадниците на полицијата успеаја да упаднат во резиденцијата на поранешниот претседател.
Акцијата на апсење почна во средата вечерта, со неуспешен обид на силите на редот да го приведат Атамбаев. Според последната информација, во текот на акцијата загинал еден припадник на специјалните единици, а 80 биле ранети.
Главното државно обвинителство против Атамбаев покрена обвинение за предизвикување масовни безредија и хулиганство.