Против повеќе од 20 учесници на протестите во Хонгконг се покренати обвиненија поради предизвикување немири, што се најсериозни обвиненија откако минатиот месец почнаа масовни собири против контроверзниот закон за екстрадирање поради судење осомничени во Кина, каде, како што сметаат демонстрантите, нема да имаат праведен судски процес.
Пред судската зграда ги дочекале други демонстранти, во знак на поддршка.
Полицијата синоќа соопшти дека поради предизвикување немири се обвинети 44 луѓе, а едно лице е обвинето за поседување оружје.
Обвинетите, според наводите на полицијата, поставувале блокади, кршеле огради и сообраќајни знаци и фрлале кон полицијата со тули и метални шипки.
Пред судот денеска се појавиле само 23 обвинети лица, кои се пуштени со кауција, а изрекувањето на казните е закажано за 25 септември.
Информацијата за покренување обвиненија предизвикала доцна синоќа нови протести пред две полициски станици.